Управата за хидрометеоролошки работи информираше за појава на силен југозападен ветер со брзина од над 80 километри на час во текот на ноќта и денеска претпладне.
Претпладне ќе има и врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат и над 15 l/m2.
Во Скопје ќе дува умерен до засилен ветер од променлив правец со температура значително над просекот за овој период од годината. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд.
ЈП „Македонијапат“ вечерва информира дека поради силен ветер на неколку патни правци имало паднати семафор, канделабра и дрва и дека навремено се отстрануваат од коловозите.
Поради појава на силен ветер од југозападен правец на патниот правец А2 Гостивар – Стража – Кичево, кај клучката Гостивар имало паднати семафор и една канделабра, кои од екипите на ЈП „Македонијапат“ се навремено отстранети од коловозот. На истиот патен правец на неколку места имало паднати дрва на коловозот, кои се отстранети од дежурните екипи на претпријатието.
На патниот правец Скопје – Тетово, пред Карпалак, поради силниот ветер исто така имало паднато дрво, кое е отстрането од коловозот.
На регионалниот патен правец Р1206 Тетово – Скопје, поради силниот ветер имало паднати дрва на коловозот и дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“ работат на нивно отстранување и нормализирање на сообраќајот.
Поради овие временски прилики на учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината според условите на патот како и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








