Владата на Шпанија усвои нови правила за центрите за податоци, според кои тие ќе мора да добиваат најмалку 80 проценти од електричната енергија од обновливи извори, со обврска да ги почитуваат стандардите за енергетска ефикасност и рационална потрошувачка на вода, објави „Јуроњуз“.
Целта на новите мерки е да се усогласи проширувањето на оваа инфраструктура со капацитетите на електроенергетскиот систем и еколошките обврски на земјата.
Се воведуваат привремени ограничувања на потрошувачката на вода и електрична енергија, па затоа центрите за податоци ќе мора поефикасно да ја користат водата и да ја намалат количината на енергија потребна за работа, сè додека не се утврдат конечните европски критериуми.
Најголемите капацитети ќе бидат обврзани да доставуваат извештаи за одржливост, додека информациските системи од највисока категорија, во рамките на Националната безбедносна рамка, ќе мора да ги исполнат посебните барања во врска со заштитата на податоците и дигиталниот суверенитет.
Непочитувањето на одредени обврски може да доведе до казни и други санкции, вклучително и суспензија на пристапот до електричната мрежа и правото на поврзување до три години.
Одлуката е донесена во време на силен раст на побарувачката за дигитална инфраструктура во Шпанија. Министерката за еколошка транзиција, Сара Агесен, изјави дека центрите за податоци во моментов имаат одобрен капацитет за пристап до електричната мрежа од 15 гигавати, додека дополнителни 20 гигавати се на листата на чекање.
Фото Економија и бизнис








