Раст од 11,43 проценти на производството на електрична енергија од обновливи извори е регистриран во 2025 година во споредба со 2024 година, додека вкупното производство изнесува 6.123 гига ват часови и е практично на исто ниво – покажуваат податоците од Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) за 2025 година што денеска пред новинарите го презентираше новиот претседател на РКЕ Ацо Ристов.
Најголем пораст на производството од обновливи извори (ОИ) од 32,5 отсто, како што кажа, има кај ветерните електроцентрали, додека за прв пат производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали го надмина производството од комбинирани централи.
Во 2025 година РКЕ измени седум лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со кои се додадоа складишта во склоп на истите со вкупна инсталирана моќност од 7,1 мегавати.
-Воведувањето на батериите за складирање на енергија во пракса значи забрзана енергетска транзиција. Складирањето на енергијата во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат е директна придобивка, но ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот од аспект на поефикасно управување и користење на системските услуги – изјави Ристов.
Во 2025 година, додаде, издадени се вкупно 236 лиценци од областа на електрична енергија, од кои најголем дел се за производство од ОИ. Континуираните инвестиции во капацитети за производство од ОИ го зголемија учеството на 58,22 проценти во вкупниот инсталиран капацитет во земјата.
Зголемената конкуренција на пазарот со активни 21 снабдувач, како што кажа, донесе подобри услови за потрошувачите. На берзата на електрична енергија се регистрирани 40 компании и истргувани 1.371 гига ват часови електрична енергија, што претставува раст од 41 проценти во споредба со претходната година.
Во извештајот се нотира забрзување на активностите за поефикасна интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари на електрична енергија. Назначувањето на НЕМО за номиниран оператор на пазар на електрична енергија, одлуката на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER) за приклучување на македонската зона на наддавање кон регионот за пресметка на капацитети на Југоисточна Европа, како и изработката на Планот за интеграција на работата на споените пазари се дел од активностите за спојување на пазарите.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








