Реновирањето на два дела од старатата зграда на Комерцијална Банка – Нов дел и Бисер – е комплетно завршено, а во моментов се одвиваат активности во т.н. Стар дел, за кои се очекува да бидат завршени во втората половина на јуни – рече директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски синоќа во интервју за 4ТВ.
– Минимум два пати неделно одржуваме состаноци со проектанти, ревиденти, изведувачи и ние како инвеститори. Секојдневно сме на терен во самата Стара Комерцијална Банка. Овој објект се состои од три различни делови – Новиот дел, Бисер и Стар дел. Нов дел и Бисер се веќе комплетно готови, останува уште Стариот дел којшто моментално поставени се машинскиот дел, електро, подовите се поставуваат, вратите се менуваат. Рокот, којшто е последен, и после тој рок ќе почнеме да наплаќаме пенали или активирање на банкарска гаранција е 20 јуни. Сум разговарал и со изведувачот, тврди дека ќе го заврши до 20 јуни, а од надзорот исто така кажуваат дека е возможно работите да се завршат во тој рок – рече Томовски.
Директорот на СОЗР, Томовски посочи и дека се размислува околу тоа кои институции би биле сместени во овој објект, од кои некои моментално плаќаат закупнина, со што истовремено би се направиле и финансиски заштеди, како и обезбедување на соодветни простории за вработените согласно сите европски стандарди.
– Таму практично ќе внесеме повеќе институции, на следната Владина седница ќе ги одземеме од право на сопственост од сите институции и ќе ги прераспоредиме на ново. МИА ќе добие нови простории, Министерство за европски прашања, дел од животна средина само Инспекторатот којшто е во Државен завод за ревизија моментално сместен, размислуваме Лотарија на Македонија да ја сместиме тука, Второстепена комисија по жалби од работен однос, Национална агенција, Агенција за иселеништво и ова се дел институции коишто ви ги кажувам коишто плаќаат закупнина моментална и ние така би направиле заштеда – рече Томовски.
Тој вели дека при преселувањето ќе се внимава да се запазат стандардите за потребниот простор за вработените.
– Ако по правило одиме онака како што биле сместени овие институции во тој случај само МИА, Европски прашања и Второстепена треба да се вратат, другите да си останат каде што биле. И сега ние што правиме – ги фузираме, правиме рационализација, им даваме соодветни простории бидејќи по сите европски стандарди за еден вработен требаат од 4 до 6 квадратни метри, по таа формула идеме, пресметуваме и толку им доделуваме на институциите. Односно, да нема во една канцеларија од 50 квадрати еден вработен – изјави Томовски.
извор МИА








