За 78,8% од анкетираните туристички субјекти во Скопскиот плански регион, трошоците за енергија се значаен товар за бизнисот. Анализата на проектот Energy Wise, која опфати 33 туристички субјекти, покажува дека 54,5% сè уште не користат обновливи извори на енергија, а 81,8% се заинтересирани за мерки за енергетска ефикасност и користење обновливи извори.
Како малите семејни објекти во руралниот туризам можат да ги намалат сметките за енергија и каква поддршка им е потребна за да вложат во вакви решенија? Овие прашања ќе бидат во фокусот на Националниот форум за зелен туризам, кој ќе се одржи утре, 17 ноември 2026 година во Europe House во Скопје, во организација на Центарот за одржлив развој АЛКА и Фондацијата Албиз.
На форумот ќе бидат претставени наодите од анализата, искуствата од практичната обука, тријазичниот прирачник за зелен туризам и повелбата Eco-Steward за давателите на услуги. Предвидено е и обраќање од претставничка на Амбасадата на Франција.
На панел-дискусијата, што ќе ја модерира Ана Зафирова, ќе учествуваат Здравко Стефановски, технички експерт за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, Блерант Рамадани, истражувач во областа на енергетиката, Александар Калиников од Министерството за култура и туризам и Наум Налбанти од „Крушевска Одаја“ и здружението „Крушево греен“. Тие ќе разговараат за применливите решенија за малите туристички објекти и за институционалната поддршка за нивно воведување.
Проектот Energy Wise – Зајакнување на руралниот туризам преку обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност го спроведува АЛКА во партнерство со Фондацијата Албиз во руралните општини на Скопскиот плански регион. Проектот е поддржан преку програмата BOOST Balkans на ALDA, со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (AFD).








