Аеродромите во Рим ќе мора да го суспендираат новиот дигитален граничен систем (EES) на Европската Унија, систем за проверка за граѓани кои не се членки на ЕУ, за да избегнат катастрофа поради застојот во текот на летните туристички месеци, изјави денес шефот на аеродромската компанија Марко Тронконе.
Тронконе изјави дека дозволувањето на патниците да го прескокнат биометрискиот систем за влез и излез (EES) е единствениот начин да се избегне хаос во летните патувања, објавува Гардијан.
„Многу сме загрижени за летoто“, рече Тронконе, кој е извршен директор на Аеродромите ди Рома, кои управуваат со аеродромот Фјумичино и помалиот аеродром Чампино.
Тронконе рече дека на скала од еден до десет, неговата загриженост сега е „осум или девет“.
„Процесот се покажа како некомпатибилен со врвниот обем со кој ќе се соочиме. Значи, единствениот начин е да се отвори вентилот. Нема начин да се постигне 100 проценти запишување“ на патници, рече тој.
Новиот дигитален граничен систем на Европската Унија, попознат како EES (Систем за влез/излез), предизвика целосен колапс и доцнења од неколку часа на аеродромите низ цела Европа.
Според новата шема за контрола на границите на блокот, граѓаните кои не се членки на ЕУ мора да имаат отпечатоци од прсти и фотографии од лицето кога влегуваат во ЕУ за прв пат.
По воведувањето на EES, британските патници се соочија со огромни доцнења во некои земји, а француската полиција привремено ги суспендираше дополнителните проверки во пристаништето Довер.
Од Меѓународното здружение за воздушен транспорт (IATA), соопштија дека времето на чекање во ред поради EES може да достигне шест часа на некои аеродроми во текот на летото, и дека редици до три и пол часа веќе се регистрирани во шпицот, пренесува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис








