ПРЕСВРТ НА ПАЗАРОТ НА НАФТА, ПОНУДАТА ЈА НАДМИНУВА ПОБАРУВАЧКАТА, дополнително намалување на цената на нафтата

Меѓународната агенција за енергетика проценува дека глобалниот суфицит во последниот квартал од оваа година ќе изнесува 1,7 милиони барели дневно, додека следната година би можел да достигне 3,8 милиони

Светскиот пазар на нафта повторно влегува во суфицит, бидејќи извозот од Персискиот Залив се опоравува побрзо од побарувачката, а понудата ќе ја надмине побарувачката до крајот на годината, објави денес Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА).

Според новата месечна прогноза на агенцијата, понудата на нафта во четвртиот квартал од 2026 година ќе ја надмине побарувачката за 1,7 милиони барели дневно, што претставува значителен пресврт во споредба со претходната проценка, според која се очекуваше дефицит.

Агенцијата соопшти дека пазарот ги покажал првите знаци на ребалансирање, бидејќи глобалното производство повторно ја надминало потрошувачката за прв пат од почетокот на војната на Блискиот Исток.

Опоравувањето е последица на побрзиот раст на извозот на нафта од земјите од Персискиот Залив, кој беше нарушен од почетокот на војната на крајот на февруари.

Производството на сурова нафта од страна на ОПЕК плус достигна 41,23 милиони барели дневно во октомври, што е за околу 2,04 милиони барели повеќе отколку во септември и приближно 97 проценти од нивото од февруари, пред војната.

Според проценките на агенцијата, светската побарувачка за нафта ќе се намали за 2,7 милиони барели дневно во 2026 година, на просек од 102,3 милиони барели, додека во 2027 година се очекува да се опорави за два милиони барели дневно.

ИЕА предвидува дека глобалната понуда ќе се зголеми следната година за 6,6 милиони барели дневно, на 108,1 милиони барели, првенствено благодарение на понатамошното закрепнување на производството во земјите од Персискиот Залив.

Агенцијата сега проценува дека глобалниот вишок на пазарот на нафта следната година би можел да достигне околу 3,8 милиони барели дневно, пренесува Политика.

Цените на нафтата на светскиот пазар денес малку паднаа, откако беа намалени очекувањата за обновување на поширок конфликт што би можел да ги загрози енергетските резерви од Блискиот Исток. Сепак, нападите врз танкери остануваат ризик.

Цената на суровата нафта од типот Брент во Лондон е пониска за еден цент и изнесува 95,41 долари за барел, додека цената на нафтата на американскиот пазар се намали за 20 центи, или 0,25 проценти, на 88,52 долари.

Според податоците на CNBC, Брент би можел да падне за 2,4 проценти оваа недела, откако веќе падна за 16 проценти во споредба со претходната недела. Цената на американската лесна нафта би требало да падне за 2,5 проценти, а нејзиниот неделен пад досега изнесува 13 проценти, пренесува Вјести.ба.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано