Бесплатни ПСА-тестирања за рано откривање рак на простатата се реализираат во Здравствениот дом „Железничар“ во Скопје во рамките на одбележувањето на месецот на машкото здравје – Мовембер. Акцијата се организира трета година по ред, а бесплатни прегледи ќе има и во последните два четвртоци од месецот, во периодот од 12 до 14 часот.
Надлежните информираа дека бесплатното тестирање почнало завчера со граѓани од ранливи категории. 100-ина машки лица биле бесплатно тестирани досега. Се тестираат и од главниот град на државата, но и лица од целата земја.
Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека сè што треба да се направи е едно боцкање на прстот.
– Едно боцкање на прстот за рано откривање рак на простатата и да си заштедите многу болнички денови и многу лекарства. ПСА-тестот е единствениот тумор маркер тест, кој е дијагностички, единствениот што може да се користи за рано откривање рак. Сите други тумор маркер тестови се наменети за следење веќе откриен рак. Методата е многу едноставна, не чини многу, дозволете си и дојдете направете ПСА-тест – истакна тој.
Ракот на простатата, рече министерот, со демографските промени, стареењето на населението, ќе исплива како број еден рак.
– На пример, во Словенија ракот на простатата е број еден. За неколку години мислам дека и кај нас ќе стане број еден рак, со тоа е здравствен предизвик од поголеми размери. Повторно, направете го овој тест, заштедете си за себе многу болнички денови и третмани – нагласи тој.
На новинарско прашање колку често тој самиот прави ваков тест, колку му е редовноста, со оглед на тоа што и денеска се тестира, тој одговори дека прави редовен систематски преглед на две години.
– Сега треба да зачестам бидејќи сум над 60 години, во основа препораките се разликуваат, во Европската Унија се смета дека тестирање на две години, кога резултатите се добри, е во ред. А кога не се во ред резултатите, треба да појдете кај доктор да се советувате, вклучувајќи и тоа кај уролог да се советувате за понатамошните постапки и дијагностички процедури што треба да ги преземете – одговори тој.
Во земјата, рече, во основа, се прават до 80.000 тестирања на ПСА на сметка на Фондот за здравствено осигурување.
– Проблемот е што тие 80.000 не се соодветно распоредени во однос на групите со ризик. Во основа има доволно тестирања, спрема демографијата на Македонија 58 до 115.000 тестирања, во зависност дали биле на една или на две години, се сосема доволни. Меѓутоа, очигледно е дека имаме групи што почесто одат на контроли, некогаш непотребни, а имаме групи што отсуствуваат од контролните механизми и тоа треба да биде предмет на ревизијата на програмата за рана детекција на рак на простатата – појасни министерот.
На прашањето од која возраст треба да се почне со првиот преглед, тој одговори, во основа 50 години, доколку нема семејно отоварување, ако нема други членови на семејството, а од 45 години ако има.
На новинарската забелешка дека ваквите прегледи се добри, меѓутоа проблемот е со термините кај уролог, тој одговори дека уролози нема само на Клиниката за урологија и дека има и во Битола, и во Тетово, и во Штип, и во Охрид, и во Струга и во многу други места.
– Не е Скопје единственото место за прегледување, ако зборуваме за цела Македонија. Доколку зборуваме само за Скопје, веројатно – да, треба поголема достапност надвор од двете главни болници – одговори Клековски.
Директорот на установата, специјалист доктор Спасе Јанев, рече дека превенцијата е највредната инвестиција во здравјето.
– Одговорноста кон себе и кон најблиските почнува со еден едноставен, но важен чекор – превентивен преглед. Тоа не е ниту слабост ниту нешто од што треба да се срамиме. Напротив, треба да говориме гласно и отворено на тема превенција – нагласи Јанев.
Тој апелира да не се чекаат симптомите за да предупредат, туку да се дејствува навреме.
– Токму затоа организираме ПСА-тестирања кај машката популација над 45 години. Тие треба да знаат дека тоа е важен чекор што треба да го направат – додаде Јанев.
Бесплатното ПСА-тестирање на машката популација се одвива како поддршка на светското движење „Мовембер“.
Акцијата е во организација на јавната здравствена установа заедно со „Проџект хоуп“ (Project Hope), „Ротари ист“ (Rotary east) – Скопје, „Џентлменс кру“ (Gentlemans crew) и „Веспа клаб“ (Vespa club) – Скопје.
Извор/фото МИА








