Повеќе од 200.000 луѓе го користеле WiFi4WB – (WiFi за Западен Балкан) бесплатниот интернет низ Република Северна Македонија од почетокот на имплементацијата на иницијативата, што ја покажува големата побарувачка за бесплатен јавен интернет пристап. Овој значаен резултат беше одбележан денеска во Скопје, каде што претставници на Европската Унија, Германија и Владата на Република Северна Македонија се собраа по повод завршувањето на поставувањето на WiFi бесплатниот интернет во сите 64 општини кои учествуваат во иницијативата.
Преку WiFi4WB, бесплатен јавен Wi-Fi е достапен на јавни површини избрани од општините, вклучувајќи плоштади, паркови, културни центри, библиотеки и други локации што ги користат локалните заедници. Иницијативата има за цел да го направи пристапот до интернет подостапен и да овозможи повеќе луѓе да ги искористат можностите што ги нуди дигитализацијата, независно од тоа каде живеат.
WiFi4WB е дел од EU4Digital, регионална програма која ја поддржува дигиталната трансформација и поврзаноста низ Западен Балкан. Иницијативата е кофинансирана од Европската Унија и Германската Влада, а ја спроведува Германското Друштво за Интернационална Соработка – ГИЗ, во соработка со националните институции, општините и Македонски Телеком.
Осврнувајќи се на ова достигнување, Михаел Рокас, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, изјави: „Дигитализацијата е еден од главните приоритети на ЕУ. Инвестираме многу во оваа област, вклучително и во нашите партнерски земји како Северна Македонија. Надоградувајќи се на најдобрите практики и искуство од ЕУ, овој проект им нуди на граѓаните еднакви можности во дигиталната сфера преку обезбедување бесплатен Wi-Fi пристап на јавни места, од кој имаат корист и жителите и посетителите. Тоа е опиплив пример за тоа како поддршката од ЕУ се преведува во конкретни, секојдневни придобивки за луѓето и заедниците низ целата земја.“
Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија во Република Северна Македонија, ја истакна посветеноста на Германија на дигиталната инклузија и регионалната соработка: „Сигурниот пристап до интернет повеќе не е само прашање на погодност. Тој е од суштинско значење за пристап до образование, јавни услуги, информации и вработување, како и за целосно учество во брзорастечкото дигитално општество. Сепак, пристапот до овие можности не е секогаш еднаков. Географијата и локалната инфраструктура сè уште можат да одредат колку лесно луѓето се поврзуваат со дигиталниот свет. Токму ова е јазот што преку овој проект се обидовме да го решиме.“
Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, ја нагласи важноста на достапната поврзаност за дигиталниот развој на земјата: „Вистинскиот успех на дигиталната трансформација не се мери во кабинетите, туку на улиците, во парковите и во секојдневието на нашите граѓани. Денес, со бесплатен и брз интернет на 72 јавни локации во 64 општини и над 204 илјади корисници, покажуваме дека дигитализацијата не е само стратегија на хартија, туку реална придобивка за граѓаните.”Министерот во продолжение истакна и дека поврзаноста повеќе не е луксуз, туку предуслов за еднакви можности, модерни јавни услуги и општество во кое никој нема да биде оставен настрана од дигиталниот напредок.
Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком, ја истакна вредноста на јавната интернет-поврзаност за локалните заедници: „Улогата на Македонски Телеком во овој проект е да обезбеди врвна поврзаност, бидејќи дигиталната инклузија има вистинска вредност само кога е поддржана од највисоките стандарди. Горди сме што ја споделуваме визијата за модерно, поврзано и инклузивно општество со нашите партнери и, како партнер за имплементација на WiFi4WB, придонесуваме за нејзино остварување. Остануваме посветени на градење дигитално општество во кое секој граѓанин има еднаква можност да учествува.“
Низ Западен Балкан, WiFi4WB обезбедува околу 500 бесплатни јавни Wi–Fi мрежи за заедниците во регионот. Инспирирана од програмата на ЕУ WiFi4EU, преку која се поврзани повеќе од 7.000 заедници низ Европа, иницијативата придонесува за посилна регионална дигитална поврзаност и поголемо усогласување со европските дигитални стандарди.
Завршувањето на поставувањето на WiFi бесплатните јавни мрежи во Република Северна Македонија претставува важен чекор кон поповрзано и дигитално поинклузивно општество, при што фокусот сега се насочува кон обезбедување континуирани придобивки за заедниците од воспоставената инфраструктура.








