ПИРАТИТЕ ОД СОМАЛИЈА СЕ ВРАТИЈА ВО ВОДИТЕ НА ЦРВЕНОТО МОРЕ, експертите предупредуваат дека насилно преземање на бродовите  повторно се претвора во профитабилен бизнис

Сомалиските пирати, кои пред повеќе од една деценија беа една од најголемите закани за светската трговија, повторно се вратија на сцената. Нивното враќање беше поттикнато од пренасочувањето на американските воени ресурси поради конфликтот со Иран, растечката нестабилност во регионот и зголемената вредност на товарот што минува низ Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Пиратските напади речиси исчезнаа откако го достигнаа врвот околу 2010 година, делумно благодарение на патролите на американската морнарица и меѓународните сили. Сепак, променетите безбедносни околности сега го отворија просторот за сомалиските банди.

Минатиот понеделник пиратите  киднапираа товарен брод со камерунско знаме покрај брегот на Пунтланд, Сомалија. Бродот беше киднапиран на околу 3,5 наутички милји од Мараџе, во округот Ислај. На бродот имало десет члена на екипажот, меѓу нив и двајца српски државјани ангажирани на безбедносни работи.

Само еден месец претходно, вооружена група го киднапирала танкерот под танзаниско знаме во Аденскиот Залив, кој превезувал нафта и хемикалии, а потоа го влечела кон сомалискиот Пунтланд.

За бродските компании, ситуацијата е сè покомплицирана. Тие веќе се обидуваат да избегнат напади од јеменските Хути, се соочуваат со огромни премии за осигурување и проценуваат дали воопшто вреди да се помине низ Црвеното Море. Враќањето на пиратите е уште една причина бродовите да избираат подолги и поскапи рути.

Експертите предупредуваат дека ситуацијата би станала многу поопасна ако Хутите, Ал-Шабаб и сомалиските пирати се поврзат во поширока мрежа што би се обидела да го загрози Црвеното Море, теснецот Баб ел Мандеб и Аденскиот Залив.

Пиратеријата повторно се претвора во профитабилен бизнис покажува и износот на откупот. Организацијата Глобална иницијатива против транснационален организиран криминал наведува дека пиратите барале дури десет милиони долари за ослободување на бродот киднапиран на почетокот на мај. Медиумите пишуваат дека кинескиот рибарски брод, киднапиран во јануари, беше ослободен во март откако плати помеѓу 1,2 и 1,5 милиони долари.

Танкерите станаа особено привлечна цел. Поради високите цени на енергијата, нивниот товар може да вреди десетици милиони долари, пренесува Нова.рс.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано