пишува д-р Драгана Д. Чифлиганец, извршен претседател на Адора Бизнис Групација, заменик-претседател на Стопанската комора
Постојат различни видови патувања и секое од нив носи вредни лекции без разлика дали станува збор за регионални или за светски познати настани.
Моето прво надворешно искуство беше како студент во Солун. Кога една мала македонска фирма одлучи да учествува на саем во Солун, мојот ангажман беше како преведувач од грчки на македонски јазик.
Возбудена им се јавив на моите родители затоа што ме очекуваше ново искуство, но наместо поддршка добив прашање: „За тоа ли те пративме во Грција на студии?“ Сепак, ја прифатив можноста и денес можам да кажам дека тоа беше голема школа за еден млад човек кој допрва го чека деловниот свет. На тој саем видов како треба да се работи од другата страна, како тече организацијата како изложувач, а не како посетител. По една година од тој саем, во 2007 година, започнав да работам во Адора Инженеринг која ја започна својата потрага по светски и европски квалитет во градежништвото. Македонскиот пазар не можеше да си дозволи високи цени, а се стремевме кон квалитет. За таа цел направивме листа на градежни саеми во светот и почнавме со мало куферче на тркалца, со тефтерче и со елегантни патики да спринтуваме по светот. Во тој момент, една пријателка ме праша: „Драгана, што правиш надвор од Македонија толку често?“ Одговорот ја зачуди кога ѝ реков дека бараме фабрики и компании за соработка. На тоа само ми одговори: „Па нели има и кај нас?“
Во 2011 година, во Скопје, се одржа првиот Саем за недвижности, а искуството стекнато во Солун придонесе тој да биде толку успешно организиран од наша страна. Деловните односи резултираа последниве шест години да имаме и инвестициски, градежни активности во Грција на неколку локации, а особено сум горда на објектот во Солун, на позната трговска улица Ермоу (Ermou) број 7, и на објектот во Неа Флогита на само 90 метри од плажа.
Од саемите директно се гледаат резултатите, за разлика од бизнис-форумите кои се од сосема поинаков карактер. Таму не си во патики, туку во штикли и костим, како бизнис-амбасадор на Македонија.
Патувањата не се трошок, туку инвестиција што се враќа на многу нивоа.
Затоа, патувај. Учи. Поврзувај се. Инвестирај во искуства. Бидејќи светот им припаѓа на оние кои се подготвени да излезат од комфорната зона и да ги препознаат можностите таму каде што навистина се создаваат.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г








