Пакомак – Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување доби признание за мала компанија што покажува лидерство во промовирањето на одржливиот развој за време на Бизнис форумот за одржливост, организиран од Клубот на одговорни бизниси при Здружението Конект, во партнерство со Министерството за економија и труд и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Македонија.
Повеќе од 15 години Пакомак активно придонесува за развојот на системот за управување со отпад и подигнувањето на еколошката свест во земјава преку поставување контејнери за амбалажен отпад, воведување повратни вендинг машини, организирано собирање и селекција на отпадот, како и континуирани едукативни и комуникациски активности насочени кон создавање трајни еко-навики кај граѓаните. Денес, Пакомак е најголемиот управувач со отпад од пакување во Македонија.
„Ова признание претставува значајна потврда за нашата посветеност и заедничките напори што ги вложуваме во градењето поодржлива иднина. Благодарни сме на сите наши партнери, институции, компании и граѓани кои заедно со Пакомак придонесуваат кон подобрување на животната средина и развој на култура на одговорно управување со отпадот. Особено нè охрабрува фактот што нашите истражувања покажуваат континуиран раст на еколошката свест кај граѓаните ширум државата. Тоа е доказ дека промените се можни кога постои заедничка визија и активна соработка меѓу сите чинители“, изјавија од Пакомак.
Само во текот на минатата година, преку мрежата на повратни вендинг машини беа собрани повеќе од 18 милиони пластични шишиња и лименки, што претставува значаен придонес кон унапредувањето на селекцијата и рециклирањето на отпадот во земјата. Во следните две години, со поддршка на долгогодишните партнери од Швајцарската амбасада, Пакомак планира да го реализира и проектот за нов погон за автоматско селектирање на амбалажен отпад. Со неговото ставање во функција, Скопје и државата ќе направат значаен исчекор кон современ, ефикасен и системски пристап во управувањето со отпадот. Како прв ваков капацитет на Балканот, погонот на долг рок ќе претставува една од клучните алки во воспоставувањето одржлив и функционален систем за управување со отпад во регионот.
„Остануваме посветени на развој на долгорочни решенија и силни партнерства, затоа што веруваме дека само преку координиран пристап на институциите, бизнис заедницата, комуналните претпријатија и граѓаните може да се изгради ефикасен и одржлив систем за управување со отпадот. Нашата цел останува непроменета – селекцијата на отпад да стане секојдневна навика и општествен стандард. Во таа насока, продолжуваме со уште поголема енергија, одговорност и посветеност“, споделија од Пакомак.
Наградите „Предводници на одржливиот развој“ се доделуваат на компании и поединци кои преку своето работење даваат значаен придонес кон создавање поодржливо и поодговорно општество. Форумот обедини над 100 претставници од бизнис секторот, институциите и граѓанските организации околу темите за одржлив развој и ESG стандардите.








