Ормуска Теснина до 9 јули останува воена зона

Ормуска Теснина ќе остане воена зона најмалку до 9 јули, соопштија денеска двете глобални организации за социјален дијалог меѓу работниците и работодавачите во бродскиот превоз.

– Оваа одлука го зема предвид значајниот и континуиран ризик по животите на морнарите и брзите промени на ситуација во регионот, се наведува во заедничката изјава на Меѓународната федерација на транспортни работници и Заедничката преговарачка група, која ги претставува работодавачите во бродскиот превоз.

Статусот се однесува на околу 15.000 трговски бродови ширум светот, чии компании имаат склучено колективни работни договори. Според овие договори, морнарите што пловат во областите прогласени за воени зони добиваат двојно поголема плата и имаат право да одбијат да пловат и да побараат репатријација на сметка на нивниот работодавач.

Ормуска Теснина за воена зона беше прогласена на 5 март, четири дена по првите напади врз трговски бродови.

Комерцијалниот превоз е сериозно погоден од 1 март, кога Иран го затвори мореузот како одговор на нападите на САД и Израел. Најмалку 14 морнари се убиени, а повеќе од 40 бродови се нападнати за време на конфликтот.

Последните напади врз комерцијални бродови во Ормуска Теснина беа минатата недела. 

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано