Цените на бензинот и дизелот во Велика Британија од денеска по првпат се прикажуваат во реално време на апликацијата „Гугл мапс“, со цел да им се помогне на возачите да најдат поевтино гориво во услови на раст на трошоците за енергија и откако цената на дизелот надмина две фунти за литар (145,25 македонски денари).
Проверката на локалните цени сега е едноставна – со отворање на „Гугл мапс“ и пребарување на блиските бензински станици, апликацијата веднаш ги прикажува ажурираните цени на горивата, соопшти британското Министерство за енергетска безбедност и нето нулта емисија.
– Во време кога тековниот конфликт на Блискиот Исток ги зголемува цените на горивата за возачите, споредувањето на цените може да им заштеди на домаќинствата што поседуваат автомобил околу 40 фунти (52 долари) годишно – се наведува во соопштението од Министерството.
Министерот за финансии Џон Хили изјави дека сега е значително полесно да се најде најдобрата цена на бензинските пумпи, иако, како што нагласи, „ова не ги решава сите проблеми“.
Оваа можност доаѓа само неколку дена откако цената на дизелот за првпат ја надмина границата од две фунти (2,64 долари) за литар.
Според британската Влада, новиот систем „Фјул фајндер“ е создаден по препорака на Управата за конкуренција и пазари (ЦМА), за да им овозможи на возачите пристап до поконкурентни цени. Поради тоа, од февруари годинава сите бензински станици низ Велика Британија се законски обврзани да ги пријавуваат промените на цените во рок од 30 минути, под закана од високи парични глоби. ссм/ми/
фото: Британското министерство за енергетска безбедност








