Од деловен контакт до ново партнерство: Бизнис Арена 2026 ги поврзува компаниите со можности за раст

Амбасадата на Шведска во Скопје ја поддржува иницијативата „Бизнис Арена 2026“, препознавајќи го нејзиното значење како платформа за поврзување компании, инвеститори и претприемачи и за создавање нови деловни можности.

„Еден од главните приоритети на Амбасадата на Шведска во Скопје е да го поттикнува зголемувањето на инвестициите, трговијата и економскиот раст, како во Шведска, така и во Македонија. Клучен дел од оваа работа е создавањето врски, контакти и места за средба на инвеститори, претприемачи и етаблирани компании од двете земји, каде што ќе можат да разменуваат идеи, да градат партнерства и да започнуваат нови иницијативи. Градењето силни брендови, на национално, регионално и глобално ниво, е исклучително важен дел од овој процес и област во која Шведска низ годините постигнува значителни успеси. Затоа, со големо задоволство го очекувам настанот Бизнис Арена во октомври во Скопје – да учествувам, да слушнам нови идеи за иновации и инвестиции и да видам како шведското знаење и иновации можат да придонесат кон растот на компаниите и развојот на нови идеи“, вели Ола Солстром, амбасадор на Шведска во Северна Македонија.

Во бизнисот, следната голема можност често започнува со вистинската средба. Контактот со потенцијален партнер, инвеститор или компанија со релевантно искуство може да отвори пат кон нов пазар, нова соработка или следна фаза на развој. Токму на создавањето такви врски е насочена Бизнис Арена 2026, која на 14 октомври во DoubleTree by Hilton Skopje ќе обедини компании, претприемачи, инвеститори и експерти од земјава и од странство.Конференцијата е осмислена како простор во кој деловните разговори нема да завршат со последната панел-дискусија. Посебниот ден за вмрежување треба да им овозможи на учесниците да воспостават најмалку три потенцијални деловни релации, избрани според секторот и дејноста во која работат. На тој начин, размената на идеи и искуства добива практично продолжение – можност за конкретна соработка.

Програмата на Бизнис Арена 2026 ќе опфати студии на случај за развој на брендови, панел-дискусии за вредностите што носат резултати и разговори за начинот на кој глобалните правила создаваат локални влијанија. Во фокусот ќе бидат и прашањата што се клучни за компаниите со амбиција за раст: како се гради бренд конкурентен надвор од домашниот пазар, каде се новите можности за извоз, како се доаѓа до капитал и релевантни партнери и што им носат европските интеграции и новите технологии на македонските компании.

Практичната ориентација на конференцијата се гледа и преку Brand Export Competition – Македонија кон светот. Во рамките на оваа конкуренција, македонските брендови со потенцијал за меѓународен развој ќе можат да се изборат за поддршка за поставување на својот производ или услуга на шведскиот пазар преку Go-to-Sweden Acceleration Package.

Апликациите за Brand Export Competition ќе бидат отворени од 1 до 30 септември, а деталите за програмата, говорниците и учеството на Бизнис Арена 2026 се достапни на официјалната веб-страница на конференцијата.Повеќе информации за Бизнис Арена 2026 и говорниците се достапни на линкот.

Повеќе од истиот автор

Најчитано