Владата денеска го усвои Предлогот за измена на Законот за царинска тарифа, со кој се врши дополнително намалување на царинските стапки и нивно целосно усогласување со стапките за тие стоки кои се применуваат во Европската Унија. Овие измени, како што информира Министерството за финансии, претставуваат продолжение на минатогодишните законски измени кои стапија на сила на 1 јули 2025 година, кога беше извршено намалување на царинските стапки до 50 отсто од нивото на царинските стапки што важат во Европската Унија.
Намалувањето на царинските стапки опфаќа 70 суровини, репроматеријали и компоненти што се користат во домашните производствени капацитети за производство на високо финални производи, за да се зголеми извозната конкурентност на македонската индустрија.
-Со оваа законска измена се реализираат определбите од Програмата за работа на Владата 2024–2028 година, во делот на постепена хармонизација на царинските стапки со стапките што се применуваат во Европската Унија, прилагодени на извозно-увозните потреби на македонската економија. Измените се подготвени во консултација со Стопанската комора на Република Северна Македонија и претставуваат продолжување на царинската политика насочена кон поддршка на домашната бизнис заедница и зајакнување на конкурентноста на преработувачката индустрија. Со Предлог-законот се предвидува целосно усогласување на дел од царинските стапки со нивото на стапките што важат во Европската Унија, со што дополнително се унапредува усогласеноста со Царинската тарифа на ЕУ, имајќи ги предвид и правилата на Светската трговска организација. Мерката директно ќе придонесе за поддршка на автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата, а се очекува позитивно влијание врз зголемувањето на извозот, девизниот прилив, инвестициите и бројот на вработувања, наведува Министерството за финансии.
Фото Економија и бизнис








