ОБЈАВЕН ВТОР ПОВИК ВО РАМКИТЕ НА ИПА III-програмата за прекугранична соработка Македонија – Албанија 2021-2027

Зграда на ЕУ во Македонија

Европската комисија го објави вториот повик за доставување предлог-проекти во рамките на ИПА III-програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Албанија 2021 – 2027, со наслов „Програма за прекугранична соработка Северна Македонија – Албанија во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), алокации за 2024 година“ – соопшти Министерството за локална самоуправа.

Повикот има цел да ги поттикне организациите од двете земји да развиваат и спроведуваат заеднички проекти што придонесуваат за унапредување на прекуграничната соработка.

– Заинтересираните организации се повикуваат навремено да почнат со подготовка на своите проектни предлози, како и со воспоставување контакти и координација со потенцијалните прекугранични партнери. Раното планирање и ефективната соработка меѓу партнерите се важни предуслови за подготовка на квалитетни и одржливи проектни предлози – се вели во соопштението.

Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ истакнал дека преку европската територијална соработка се создаваат можности локалните заедници заеднички да одговорат на предизвиците, да ги развиваат своите капацитети и да ги искористат локалните потенцијали.

– Министерството за локална самоуправа е национален орган за ИПА III-програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Албанија 2021 – 2027, со алокација од 3.430.000 евра, и ја поздравува објавата на новиот повик. Упатувам благодарност до Европската Унија и до Делегацијата на Европската Унија за континуираната поддршка и досегашната успешна соработка. Министерството ќе продолжи да работи на зајакнување на можностите за локален и регионален развој, како и на зголемување на бројот на проекти што ќе се реализираат во рамките на прекуграничната соработка – нагласил министерот.

Од вкупно 62 проекти, истакнал тој, за прекугранична соработка, што се реализирани или се во фаза на реализација, само два се спроведуваат во соработка со Република Албанија.

– Ова укажува на потребата за значително зголемување на бројот на заеднички проекти во иднина. Затоа ги повикувам единиците на локалната самоуправа и сите заинтересирани партнери активно да се вклучат во новиот повик – истакнал Стоилковиќ.

Крајниот рок за доставување на концепт-нотите е 15 јануари 2027 година. Станува збор за ограничен повик, во чија прва фаза апликантите треба да достават концепт-нота (анекс А.1 – образец за аплицирање за грант: концепт-нота).

Целосната документација, условите и насоките за аплицирање се достапни на порталот за финансирање и тендери на Европската Унија: https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/opportunities/prospect-details/187670PROSPECTSEN?isExactMatch=true&status=31094501,31094502,31094503&frameworkProgramme=111111&programmePart=&order=DESC&pageNumber=1&pageSize=50&sortBy=startDate.

Во рамките на повикот ќе бидат организирани и информативни сесии за потенцијалните апликанти. Сесиите се планирани приближно 15 дена по објавувањето на повикот, а дополнителните информации за датумите, локациите и начинот на организација ќе бидат објавени дополнително.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано