Доналд Трамп минатиот месец инсистираше дека не размислувал за паричниците на Американците кога преговарал со Иран, но денес е сосема јасно дека се предомислил, објави CNN во својата обемна анализа, по коментарот на американскиот претседател кој во средата се обиде да го оправда договорот што неговите критичари го сметаат за длабоко погрешен и полн со дупки.
„Не сакав економска катастрофа. Да продолжевме со ова, можеше да се случи“, рече Трамп во Франција. CNN истакнува дека тоа беше момент што го разоткрива начинот на дејствување на Трамп: под политички притисок, тој секогаш претпочита краткорочна добивка пред долгорочна и тешка стратешка борба.
Сепак, прифаќањето на овој мировен план од страна на Трамп – за кој еден републикански сенатор предупреди дека ќе го „преврти во гробот“ Роналд Реган – сериозно ризикува да ја ослабне позицијата на Америка. САД влегуваат во претстојните клучни 60-дневни преговори, кои би можеле да ја одредат судбината на нуклеарната програма на Иран, со значително полоши карти.
CNN наведува дека овој привремен договор, кој требаше само да подготви терен за состаноци, всушност му ги дава на Иран речиси сите адути на Америка. Имено, милијарди долари приходи веднаш му се предаваат на Техеран преку укинување на санкциите.
Поради ова, овој потег би можел сериозно да го оштети митот за Трамп како најголем преговарач во светот, слика што самиот ја изгради и ја лансираше од реално шоу директно во Белата куќа. CNN го поставува логичното прашање: зошто тој воопшто се согласи на тоа?
Рамковниот договор меѓу САД и Иран стапи во сила веднаш по неговото потпишување, изјави рано утринава пакистанскиот премиер Шахбас Шариф, чија земја посредуваше во постигнувањето на договорот.
Шариф на социјалната мрежа „Икс“ објави дека Иран „веднаш повторно ќе го отвори“ Ормуската Теснина додека САД „веднаш“ ќе ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа.
Претходно, и Техеран и Вашингтон соопштија дека претседателите Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан го потпишале договорот по електронски пат.
Шариф првично најави дека Пакистан, со поддршка на Катар, во петок во Швајцарија ќе биде домаќин на официјална церемонија за одбележување на договорот и почеток на техничките разговори, но подоцна ја избриша таа објава и во новата верзија повеќе не ја спомена Швајцарија.
Францускиот претседател Емануел Макрон објави видео од дворецот Версајна кое се гледа Трамп како потпишува хартиена верзија од документот по завршувањето на Самитот на Групата Г-7.
Според американскиот портал „Аксиос“, потпишувањето било забрзано со цел што поскоро да се овозможи повторно отворање на Ормутската Теснина, клучна поморска рута за светската трговија со нафта и гас, пренесува МИА.
Сепак, Си-Ен-Ен објаснува дека постои многу голема причина зошто републиканците се толку огорчени од потегот. Поранешниот потпретседател Мајк Пенс отворено изјави во интервју за Си-Ен-Ен дека овој договор изгледа како „чиста капитулација и предавање на непријателот“. Со плаќањето толку висока цена само за да се запрат борбите, Трамп испраќа опасна порака до Иран, но и до сите други американски противници на глобалната сцена – Вашингтон ќе се повлече во воен конфликт ако непријателот успее да изврши доволно силен политички притисок врз него преку економска војна, пренесува Индекс.хр.
Фото Економија и бизнис








