Крајбрежниот автопат на францускиот остров Реунион се смета за еден од најскапите патни проекти во светот.
Станува збор за пат долг 12,4 километри што го поврзува главниот град Сен Дени со градот Ла Посесион, а поголемиот дел од трасата е изграден на столбови во средината на Индискиот Океан.
Првиот голем дел од автопатот е веќе отворен за сообраќај, додека крајбрежниот сегмент помеѓу Сен Дени и Гран Салу е при крај. Сепак, западниот дел кон градот Ла Посесион е сè уште во изградба.
Централниот дел од целиот проект е мост долг 5,4 километри изграден директно во морето. Се наоѓа на висина помеѓу 20 и 30 метри надморска височина и е оддалечен околу 70 метри од брегот.
Патот е широк 30 метри и има три ленти во секоја насока, а освен за автомобили и автобуси, е наменет и за пешаци и велосипедисти.
Претходниот пат се викал „Route du Littoral“ (RN1) и се протегал веднаш до стрмните карпи. Лизгањето на земјиштето, обилните дождови и огромните бранови честопати предизвикувале сериозни прекини во сообраќајот што понекогаш траеле со недели.
Во моментов, околу 70.000 возила го користат делот што е веќе отворен за сообраќај секој ден. Огромната техничка сложеност на проектот, како и проблемите со набавката на потребните материјали, доведоа до големи одложувања и драстично зголемување на трошоците.
Првично се проценуваше дека проектот ќе чини околу 1,6 милијарди евра, сега се очекува конечната бројка да достигне приближно 2,5 милијарди евра. Ова значи дека цената е околу 200 милиони евра по километар, поради што се верува дека е најскапиот пат во светот. Завршувањето на целиот проект се очекува во 2030 година, пренесуваат медиумите во светот.
Фото Економија и бизнис







