Министерството за внатрешни работи соопшти дека во периодот од 1 до 31 јули годинава како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 20.976 издадени платни налози, 4.241 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Како што посочуваат од МВР, лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 496 лица, од кои 81 за возење под дејство на алкохол, 373 за возење без возачка дозвола, 25 поради претходно изречена забрана за управување на моторно возило, три за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, 13 за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, едно лице за возење во забранет правец.
Како што наведуваат од Министерството, во истиот период одземени се 332 возила по член 300-б од Кривичниот законик.
Според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на јули евидентирани се 4694 прекршоци за неправилно паркирање, како и 430 санкции за возење под дејство на алкохол.
-Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 2.073 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така санкционирани се 1.829 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 299 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 125 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 44 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии) – посочуваат од Министерството.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.








