Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во изминатиот период повторно е забележана зачестена појава на измамнички пораки преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи, со што граѓаните се доведуваат во заблуда дека треба да извршат уплата за наводно направен сообраќаен прекршок, регистриран од системот „Безбеден град“.
– Станува збор за обиди за фишинг-измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба – додаваат од МВР.
Од МВР апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни и да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници, ниту да вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.
Воедно потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната веб-страница со домен http://safecountry.mvr.gov.mk.
– Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами – нагласуваат од МВР.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








