Михаиловски: Клиентите бараат поддршка за развој на нов систем за планирање, делување и лидерство

Разговор со Глигор Михаиловски, претседател на Асоцијација на менаџмент консултанти МКА 2000

Што претставува МКА 2000 и кои се главните постигнувања на оваа Асоцијација?

МКА 2000 е здружение на менаџмент консултанти и консултантски организации кои ја застапуваат консултантска професија во земјата. Мисијата не е променета од самото основање во 2000 година – преку меѓусебна соработка на искусните менаџмент консултанти да ги истакнеме консултантските стандарди за испорака на квалитетни консултантски услуги за јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор. Главните постигнувања на МКА 2000 се поврзани со нејзината мисија за вмрежување, стандардизација на квалитетни и етички менаџмент консултантски услуги и застапување пред приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор. Во последните години, МКА 2000 направи голем исчекор во стабилизирање на членството (над 40 членови) и диверзификација на структурата на членовите, со зголемување на бројот на менаџмент консултантки. Со повторна операционализација на Извршната канцеларија (Извршна директорка) и со вклучување на правни лица консултантски организации, МКА 2000 подобро ги опслужува своите членови. Исто така, МКА 2000 ја има франшизата за Certified Management Consultant CMC®, кој е присутен во над 70 земји од светот и постои од 1967 година. Тоа е „златен“ стандард во менаџмент консалтингот и впрочем, со зачленување во МКА 2000, секој менаџмент консултант треба да се стреми да се стекне со овој стандард. Во Македонија, до крајот на годинава, ќе стигнеме до 20 сертифицирани CMC® менаџмент консултанти, кои осигуруваат квалитет за клиентите. Единствено МКА 2000 го доделува овој сертификат во земјата.

Кои се новините што ги воведува вашата Асоцијација?

Токму во мај 2026 година, МКА 2000 го унапреди процесот на едукација за своите членови и надворешни консултанти. И досега, речиси секој месец МКА 2000 редовно организира вмрежувачки настани, каде споделуваме искуства, идеи и можности за заеднички акции и проекти. Од друга страна, започнуваме и со нови активности, пред се за градење на капацитетот на консултантите. Изминатиот месец МКА 2000, за прв пат во земјата, испорача обука за ИСО 20700 стандардот – Менаџмент консалтинг услуги, развиен во фамилијата на ИСО стандарди со Меѓународниот совет на менаџмент консалтинг институти на кој сме членови. На тој начин, ќе обезбедуваме и нова услуга за менаџмент консултантите. 

МКА 2000, во последните години, работи на тоа да обезбеди пристап за консултанти до различни индустрии. На пример, имаме менаџмент консултанти од ИКТ индустрија, организациски развој, приватен сектор, финансии и буџети, односи со јавност, граѓански сектор, јавна администрација, едукација, итн. Но, иако дел од нив се членови на нивните матични, тематски асоцијации, сепак стануваат дел од МКА 2000 заради клучните причини: вмрежување, застапување и промоција на стандард како дел од отчетното работење на консултантот. На крајот од денот, ваквиот пристап носи и повеќе можности за нашите членови.

Кои се новините во областа на менаџмент консалтинг во светот, со оглед на финансиските предизвици, инфлацијата, дигиталната трансформација и воените конфликти?

Би почнал од позитивните трендови, кои веќе некое време ги гледаме во светот, регионот и кај нас. Имено, менаџмент консултантите беа меѓу првите професии кои го прифатија трендот на дигитална трансформација и вештачка интелигенција. Всушност, консултантите се тие кои помагаат компаниите да ја прифатат и применат вештачката интелигенција, со оглед на тоа што брзината, конзистентноста и точноста на технологијата помага да ги подобрат постигнувањата. Менаџмент консултантите, на сметка на времето кои им се ослободува со користење на вештачката интелигенција, сега ги пренасочуваат своите енергии кон анализа и креирање стратегии со поголема вредност. Ова ја зголемува и нивната продуктивност, во услови на надворешни предизвици и им овозможува и понатаму да бидат успешни во оваа професија.

Во однос на другите светски промени, менаџмент консултантите се зависни од планирање на инвестициите на компаниите. Забележуваме резерва во планирање на идните инвестиции поради економското забавување и зголемување на инфлацијата. Во развојниот свет, свесни сме за големата промена во 2025 година, кога поддршката од развојниот свет, пред се од САД, беше драстично намалена. Ова ги предизвика развојните организации и менаџмент консултантите да се насочат кон уште поголемо вмрежување, презентација на своите вештини. Во услови на криза и трансформација на деловниот сектор, овие вештини може да бидат клучни во однос на тоа кои компании ќе преживеат и ќе продолжат да се развиваат.

И оваа година, Асоцијацијата за менаџмент консалтинг (МКА) 2000, го прославува утрешниот Меѓународен ден на консултантите. Која е целта на ова обележување?

Така е, секој прв четврток во јуни, менаџмент консултантите низ целиот свет, преку своите асоцијации и консултантски куќи, го слават Меѓународниот ден на консултантите. Тоа го правиме да ја истакнеме суштината на професијата менаџмент консултант и нашата поддршка за бизнисите и општеството. Всушност, денот се прославува во рамки на Меѓународниот совет на менаџмент консалтинг институти, во чија платформа од Македонија единствено е вклучена МКА 2000, која ги вмрежува и застапува интересите на етичките менаџмент консултанти.

За дигиталната трансформација, како и за предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, ќе говорите на утрешната дебата. Што може да очекуваме?

Покрај дигитализацијата и вештачката интелигенција, на дебатата ќе зборуваме и за потребата од иновации и самата улога на консултантот како двигател на развојот на компаниите. Ќе зборуваме и за променетите очекувања од клиентите, кои сега, се фокусирани на постојан развој на организациите а не на директно решавање на проблемите. Наместо традиционална консултантска мисија, на пример, директен совет за зголемување на продажба / оптимизација на трошоци, клиентите сега гледаат долгорочно и бараат поддршка за развој на нов систем за планирање, делување и лидерство. МКА 2000, исто така, гледа за раст на потребата од консултантски услуги во климатски промени, животната средина, здравство и развој на професионалниот коучинг. Покрај дебатата, ќе имаме и свечено доделување на сертификати на нашите најнови сертифицирани менаџмент консултанти (CMC®) и коктел дружење за размена на идеи и продлабочување на соработката со останатите консултанти и коучинг.

Повеќе од истиот автор

Најчитано