Мерц: Пораката е јасна – сакаме земјите од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска по самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, изјави дека Европската Унија планира да започне постепен процес за вклучување на земјите од регионот во Унијата, што испраќа сигнал дека тие се посакувани како полноправни членки.

 – Јасната порака од денеска е, и ќе остане: Ве сакаме. И сакаме овој регион – и државите во него – наскоро да станат членки на Европската Унија, рече Мерц.

Тој истакна дека целта е и останува полноправното членство на сите држави од регионот на Западен Балкан.

– Имаме стратешки интерес ововие држави да ги поврземе со нас, со Европската Унија, да им го
отвориме патот и кон институциите, на пример за учество како набљудувачи на седниците на Европскиот совет, а можеби и на Европскиот парламент, кажа Мерц. 

Сепак, за ова ќе треба да одлучи Европски парламент во рамките на своите надлежности.

– Нема веќе да има изговори, туку ќе има многу конкретни, но индивидуални процеси што ќе се однесуваат на секоја одделна држава од Западен Балкан, изјави германскиот канцелар.

Франција и Германија денеска на самитот во Тиват  презентирале нон пејпер, во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство.

Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување, се наведува во француско-германскиот нон пејпер.

Во документот со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“ се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.

„Но, на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во текстот.

Според документот, потребно е воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија, со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано