МЕМО ја одржа првата аукција за Гаранции за потекло на електрична енергија

Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, ја одржа првата аукција за Гаранции за потекло на електрична енергија, произведена од повластени производители на електрична енергија, со што воспостави нов пазарен механизам за тргување со овој инструмент и направи значаен чекор во развојот на пазарот на зелена енергија во земјата согласно европските стандарди.

Аукцијата претставува важен чекор кон воспоставување транспарентен и конкурентен пазар, на кој вредноста на Гаранциите за потекло се формира врз основа на понудата и побарувачката. Со тоа се создаваат услови за појасно вреднување на еколошката компонента на електричната енергија и за поголеми можности производителите од обновливи извори да ја валоризираат еколошката вредност на своето производство.

На првата аукција под назив „MEMO FiT – Wind“, беа понудени 35.000  Гаранции за потекло за произведена електрична енергија од ветер, од кои беа продадени 34.000, по просечна цена од 0,35 евра.
Со одржувањето на првата аукција, МЕМО направи конкретен исчекор во реализацијата на Реформската агенда, во делот што се однесува на воспоставување систем за тргување со Гаранции за потекло. Оваа активност е со цел унапредување на пазарните механизми, зголемување на транспарентноста и усогласување со европските практики во областа на енергетиката и развојот на пазарот на зелена енергија.

Со имплементацијата во функција на системот за аукциско тргување, МЕМО придонесува кон развој на поорганизиран и поконкурентен пазар, на кој пазарните сигнали ќе овозможат пореално вреднување на Гаранциите за потекло и на еколошките придобивки од производството на електрична енергија од обновливи извори.

Гаранциите за потекло се инструмент со кој се потврдува дека одредена количина електрична енергија е произведена од конкретен извор. Нивното значење расте со зголемените потреби на компаниите за потврдување на потеклото на енергијата што ја користат, особено во контекст на декарбонизацијата и исполнувањето на целите за одржливо работење. Од април 2025 година досега, во Македонија се издадени повеќе од 850.000 Гаранции за потекло, што укажува на развојот на овој пазар и на потребата од негово понатамошно структурирање.

Извор МЕМО

Повеќе од истиот автор

Најчитано