МЕЛОНИ БАРА ОД ЕК ПОБЛАГИ ФИСКАЛНИ ПРАВИЛА ЗА ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА КОМПАНИИТЕ И ГРАЃАНИТЕ ПОРАДИ ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ЕНЕРГИЈАТА

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони ,  ја повикува Европската комисија да им дозволи на земјите да трошат повеќе и со тоа да им помогнат на семејствата и компаниите поради инфлацијата и зголемувањето на цените на енергијата.

Мелони се обидува да ја натера Европската комисија (ЕК) да ги олабави фискалните правила за да им овозможи на земјите поефикасно да им помогнат на компаниите и семејствата во справувањето со зголемувањето на цените предизвикани од недостигот на енергија, пишува Политико.

Мелони на прес-конференција изјави дека ѝ пишува на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен за ова прашање и сака тоа да се дискутира на претстојните состаноци на Советот за економски и финансиски прашања  и Европскиот совет.

-Веруваме дека, во услови на растечка инфлација предизвикана од високите светски цени на енергијата, потребно е да им се обезбеди дополнителна флексибилност на земјите-членки за да можат да ги поддржат домаќинствата и бизнисите, рече таа.

Владите на земјите-членки на Европската Унија потрошија 17,9 милијарди евра оваа година со цел да ги ублажат ефектите од зголемувањето на цените на нафтата и гасот за домаќинствата и бизнисите, објави денес Европската комисија, повикувајќи ги земјите подобро да ја усогласат помошта со потребите.

Во белешката што треба да послужи како насока за разговорите меѓу министрите за финансии на еврозоната на 8 октомври, ЕК, исто така, ги повика владите да инвестираат во електрични мрежи и да ја оданочуваат електричната енергија помалку од гасот, како поттик за оддалечување од фосилните горива.

ЕК изјави дека економскиот раст на Еврозоната оваа година ќе биде малку над 0,9 проценти како што е проектирано во мај, но дека следната година веројатно ќе биде послаб од последната прогноза за раст од 1,2 проценти.

Се очекува инфлацијата да остане во голема мера во согласност со прогнозите од 3,0 проценти оваа година, но во 2027 година ќе биде повисока од претходно проектираната 2,3 проценти, според соопштението.

„Во меѓувреме, трошоците за задолжување на земјите-членки значително се зголемија, што ја истакнува потребата од фискална претпазливост. Од избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, 25 земји-членки усвоија мерки за фискална политика за ублажување на влијанието на високите цени на енергијата врз домаќинствата или бизнисите, со буџетски трошок од 17,9 милијарди евра, или 0,1 процент од БДП на ЕУ во 2026 година“, се вели во соопштението на ЕК.

Се повикува краткорочните мерки да бидат насочени кон најранливите со цел да се минимизираат фискалните трошоци и да бидат кохерентни со потребата за декарбонизација на енергетскиот систем.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано