Македонските превозници на 31 август ќе излезат на протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во рамки на 180 дена.
Од „Макам-транс“ информираат дека е потврдена организацијата на двочасовен протест, на кој се очекува да учествуваат превозници, возачи и претставници на транспортни компании. Според досегашните најави, пред седиштето на Делегацијата на ЕУ треба да пристигнат и најмалку 20 товарни возила.
Проблемот произлегува од примената на правилото 90/180, според кое државјани на земји надвор од ЕУ можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена во Шенген-зоната. Со електронското евидентирање на влезовите и излезите, професионалните возачи многу построго се соочуваат со ова ограничување.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска изјави дека Владата прави сè што може за да им помогне на транспортерите. Склучува, како што рече, билатерални договори со земјите што се дел од шенген-зоната.
– Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамките на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решение. Се работи за правила во шенген-зоната и за правила што ги уредува шенген-зоната. Она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната. Тоа веќе го правиме, веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме на договор со други земји. Во септември е најавена средба на високо ниво со aвстриската влада, а во октомври е најавена средба и со словенечката – изјави Николоски по посетата на Струга одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавта за протести на македонските превозници.
Тој напомена дека се работи на ова поле и со Германија, а целта е да бидат покриени рутите на кои македонските транспротери најчесто одат.
– Ние не застануваме и продолжуваме да работиме на билатерални договори со сите земји што се расположени за таа работа. Гледаме генерално да ги покриеме рутите на кои македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија, Хрватска и Романија веќе има договор. Работиме и со Герамјија и на тој начин ги покриваме земјите во кои има најголема фреквенција. Тоа е она што ние можеме да го направиме и го правиме во овој период – напомена Николоски.
Фото Економија и бизнис








