пишува: Елена Готовска | Авторот е директор на Свисконтакт (Swisscontact) во Република Северна Македонија и Тим лидер на Швајцарскиот проект за модернизација
Пред неколку месеци, за време на бизнис-дијагностика во едно средно производствено претпријатие во Источна Македонија, спроведена од страна на бизнис-советници поддржани преку Швајцарскиот проект за модернизација, имплементиран од страна на Свисконтакт (Swisscontact), сопственикот сподели дека не успева да најде млади работници. Дури и ако ги регрутира и ги обучи, тешко му е да ги задржи. Кога го прашавме дали како компанија вложуваат напор да разберат што е тоа што го очекува современиот млад работоспособен човек од работното место и какви услови нудат, одговорот беше краток: „Нудиме исто што и другите локални компании.“ Токму тоа „исто како и другите“ е сржта на проблемот.
Македонскиот бизнис не се натпреварува за пристап до работна сила на локално ниво. Реалноста е поинаква, македонскиот работодавач се бори да ја привлече ограничената работна сила од локалниот пазар заедно со конкуренцијата од регионот, од Европа… Достапноста (availability) на вработени, односно дали воопшто постојат доволно луѓе со соодветни вештини на пазарот и пристапноста (affordability), односно дали компанијата може финансиски да ги привлече и да ги задржи вработените се две димензии на проблемот кој повеќе нема локален карактер. Младиот стручен кадар, па и кадарот воопшто денеска не избира меѓу вработување во Скопје и во Струмица, туку меѓу Скопје и Амстердам, Тетово и Цирих… Мобилноста на трудот не е привремен тренд, таа е нова реалност на која македонскиот бизнис мора да се прилагоди и да одговори.
Пописот од 2021 година го потврди она за што многу компании сведочат на терен: популацијата на возраст 20 – 34 години е намалена за 25 % во изминативе две децении. Паралелно на тоа, различни независни истражувања спроведени во земјава покажуваат дека најголем дел од младите сакаат да заминат надвор или дури и ако останат да живеат овде можностите за вработување ги гледаат во странство, или преку сезонска работа, или како работа од далечина (remote work). Oна што го гледаме на терен и го читаме во различни анализи и истражувања ни покажува дека оваа слика не може да се реши едноставно со покачување на платата на вработениот.
Свис ЕП (Swiss EP) е уште еден швајцарски проект за економски развој, што го имплементира Свисконтакт во Република Северна Македонија. Проектот работи на развој на стартап екосистемот во земјава, со млади претприемачи и со организации кои поддржуваат стартапи. Искуството на проектот покажува дека младиот вработен очекува флексибилен работен однос, рамнотежа меѓу приватниот и деловниот живот, можност за учење, личен и професионален раст, но и современи услови за работа. Еден друг фактор што го издвојуваат младите е желбата да знаат дека со нивната работа се дел од нешто што е од поширок интерес и придонесуваат кон заедницата или кон општото добро. Исто така не помалку значаен мотивациски фактор е и сознанието дека даваат придонес кон градење иновативни продукти кои се конкурентни на меѓународниот пазар. Според тоа, компанија без јасна стратегија, без споделена визија и без посветеност кон луѓето тешко може да одговори на овие очекувања.
Тука доаѓаме до системскиот јаз. Преку бизнис-дијагностиката гледаме дека еден значителен дел од македонските мали и средни претпријатија се управувани интуитивно, односно без јасно воспоставени процеси и без формализирани или структурирани функции. Стратегиското планирање отсуствува во голем број компании, управувањето со човечките ресурси е сведено на извршување на административно-правните обврски на оваа функција, а вложувањето во развојот на вработените се гледа како трошок, а не инвестиција во одржливоста на компанијата. Овој модел на управување структурно ја ограничува способноста на компаниите за конкурентен настап на пазарот на трудот.
Кога зборуваме за решенија на овој комплексен предизвик, еден начин да се одговори на недостигот од работна сила е инвестиција во модерна технологија − автоматизација, дигитализација, роботика. Но, македонскиот бизнис тука се соочува со суштинско прашање, брзината на поврат на инвестицијата. За компанија чие работење е ограничено на домашниот пазар и со скромен извоз во регионот, набавката на скапа опрема е неисплатлива затоа што обемот на производство не го оправдува вложувањето. Сепак, дури и ако се определи компанијата за интензивна автоматизација и за инвестиција во современа технологија на производство, останува прашањето дали секоја работна позиција може да се замени со технологија. Краткиот и едноставен одговор е не, не може. Факт е дека технологијата го менува начинот на работа, но не ја елиминира потребата од луѓе.
Решенија, сепак, постојат и тие не мора да бидат скапи. Флексибилни форми на работа, менторски програми, обуки на работното место, транспарентна комуникација за можностите за раст, вклучување на вработените во одлучувањето се системски промени што компаниите може да ги воведат со помош, со знаење и со структурирана поддршка. Овој пристап подразбира суштинска промена на начинот на размислување и на дејствување. За да создаде чувство на лојалност и на припадност кон компанијата, современиот работодавач се очекува да изгради и да понуди работна средина во која се препознаваат трудот и придонесот на вработениот и да овозможи професионален раст и развој.
Токму тука Свисконтакт носи уникатна вредност. Основана од швајцарските бизниси, Свисконтакт не е само развојна организација туку е и олицетворение на концептот на свиснес (swissness) што подразбира добро управување, иновативност, транспарентност, отчетност и грижа за вработените, за заедницата и за животната средина. Со присуство во повеќе од 40 земји и долгогодишно искуство во развој и во мобилизација на приватниот сектор, Свисконтакт ги поддржува и ги поттикнува малите и средните претпријатија во процесот на трансформација и на унапредување на своето работење, не теоретски, туку преку конкретни, системски применливи промени на внатрешното работење, но и на функционирањето на бизнис-екосистемот во целина.
Пазарот на трудот не чека. На македонскиот бизнис му треба партнер што ги разбира потребите и интересите на компаниите и на современиот вработен и што има искуство и умешност да ги поттикне во успешно извршување на своите улоги и во градење на ефикасен однос со орагнизациите за нивна поддршка. Само кога бизнисот ќе стане место каде што младиот човек гледа иднина, конкурентноста со глобалниот работодавач ќе биде изводлива.
Економија и бизнис, 15 јуни 2026








