Со панел-дискусија посветена на влијанието на инфлуенсер маркетингот врз современото работење, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) утре ќе го отвори циклусот на активности во пресрет на 9. Регионална конференција за е-трговија 2026, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје.
Првиот E-commerce Meetup, кој ќе се одржи во Casa Bar, ќе биде посветен на една од најактуелните теми во дигиталниот маркетинг – дали инфлуенсер маркетингот навистина носи продажба или неговата најголема вредност е во градењето на препознатливост, доверба и долгорочни односи со потрошувачите.
Во време кога компаниите сè повеќе инвестираат во соработка со креатори на содржина, ќе се отвори дискусија за тоа како се избираат инфлуенсерите, како се мери успешноста на кампањите, кои се најчестите предизвици и како изгледа успешна соработка помеѓу брендовите и инфлуенсерите.
На панел-дискусијата ќе учествуваат Дијана Илиевска, Campaign Manager во Ananas.mk, Александра Стојановиќ, Marketing Manager во Fashion Group Macedonia, Драгана Ѓоќиќ, Head of Strategic Marketing во Korpa.mk и Стефан Спирковски, инфлуенсер, а модератор на настанот ќе биде Димитар Атанасовски, ко-основач на Idea Lab.
Учеството на настанот е бесплатно, но пријавата е задолжителна на следниот ЛИНК.
Meetup-от претставува вовед во темите што ќе бидат во фокусот на годинашната 9. Регионална конференција за е-трговија, најголемиот и највлијателен регионален настан посветен на е-трговијата, кој девет години по ред ги обединува лидерите од индустријата, дигиталниот маркетинг, финтек секторот, логистиката, технологијата и бизнисот.
По рекордната посетеност минатата година, годинава на конференцијата се очекуваат повеќе од 900 учесници, над 30 домашни и меѓународни говорници, како и целодневна програма исполнета со инспиративни предавања, панел-дискусии, практични сесии и бројни можности за вмрежување.
Централна тема на овогодинешното издание ќе биде „From Wait to Go: E-COMM AT AI SPEED!“, која ќе го стави фокусот на влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата и дигиталниот бизнис. Конференцијата ќе понуди практични примери и искуства за тоа како AI веќе ги трансформира маркетингот, продажбата, корисничкото искуство, логистиката и деловното одлучување, со цел компаниите да добијат конкретни знаења што ќе можат веднаш да ги применат во своето работење.
Покрај главната конференциска програма, и оваа година ќе биде организирана Hands-on Stage, со интерактивни работилници, практични демонстрации и сесии наменети за сите професионалци кои сакаат да стекнат нови вештини и да ги следат најновите трендови во индустријата.
Повеќе информации за програмата, говорниците и регистрацијата за 9. Регионална конференција за е-трговија 2026 ќе бидат објавени во наредниот период.








