Титулата европска престолнина на културата 2028 не се сведува на едногодишна културна програма, туку претставува долгорочен процес насочен кон трајна трансформација на градот и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Ова беше главната порака на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, одржана во рамки на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. На настанот културата беше посочена како клучен двигател на урбаниот развој, социјалната кохезија и новиот идентитет на Скопје, а проектот беше оценет како заедничко дело на граѓаните, институциите и меѓународните партнери.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека европската престолнина на културата не смее да се сфаќа како изолиран културен настан, туку како заеднички проект што ја вклучува целата заедница.
– Ова не е само проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека „Скопје 2028“ може да биде нешто навистина посебно – истакна Љутков.
Тој посочи дека Владата обезбедува целосна и конкретна поддршка за реализација на проектот вклучувајќи и значителни финансиски средства.
– „Скопје 2028“ ја има нашата целосна и безрезервна поддршка. Поддршка која не е декларативна, туку институционална, финансиска и политичка – рече министерот нагласувајќи дека за проектот се обезбедени 20 милиони евра.
Љутков најави и конкретни интервенции во културната и урбаната инфраструктура со долгорочен ефект.
– Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна – и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа – посочи тој најавувајќи ревитализација на скопското Кале, конзервација на акведуктот и реконструкција на Универзалната сала.
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека титулата европска престолнина на културата претставува историска можност за суштинска промена на градот, а не само за зголемување на бројот на настани.
– Дали тоа значи само една година исполнета со настани? Или, како што значи за мене, нешто многу подлабоко – можност културата да стане трајна трансформација, јавна трансформација на инфраструктурата на градот – рече Ѓорѓиевски.
Тој ја поврза визијата за „Скопје 2028“ со историското наследство на солидарност по земјотресот во 1963 година.
– Ако во 1963 година солидарноста значеше обнова на разрушениот град, тогаш денес таа мора да значи обнова на јавниот интерес, на довербата во институциите и на чувството на припадност – нагласи градоначалникот.
Според него, културата мора да биде дел од секојдневниот живот на граѓаните.
– Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака, пред сè, да остане, каде што културата не е луксуз, туку секојдневие – рече Ѓорѓиевски.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, истакна дека титулата европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој.
– Европската престолнина на културата покажува дека културата не е само забава, туку катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија – рече Рокас.
Тој потсети дека оваа иницијатива постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки.
– Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите – нагласи тој додавајќи дека културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата.
Рокас оцени дека Скопје има уште многу работа пред себе, но изрази поддршка за досегашниот напредок.
– Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и поддршка – порача Рокас.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, ја истакна долгогодишната поврзаност на Обединетите нации со развојот на Скопје, од обновата по земјотресот до денешните програми за одржлив урбан развој.
– Скопје не е само град, туку приказна за солидарност и отпорност – рече Григоријан.
Тој најави конкретни проекти што УНДП ќе ги поддржи во пресрет на 2028 година.
– Заедно со Град Скопје ќе работиме на трансформација на коридорот на реката Вардар во зелен, активен урбан простор и на отворање на клучните културни знаменитости – посочи тој.
Григоријан потенцира дека европската престолнина на културата е можност за долгорочна визија.
– Овој момент нуди можност да се обликува иднина која е креативна, инклузивна и одржлива, вкоренета во европските вредности – заклучи тој.
Настанот продолжи со панели посветени на урбаните политики водени од културата, улогата на младите, механизмите за имплементација и примената на културата како двигател на урбана иновација во процесот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.
Извор/фото МИА




