Комисијата за хартии од вредност (КХВ) денеска ги додели Годишните награди за млади истражувачи за 2026 година, кои се доделуваат по седми пат во рамки на Kонкурсот за најдобри научноистражувачки трудови од областа на пазарот на капитал.
Добитник на првата награда е авторот Горан Христовски за трудот со наслов „Динамична поврзаност на источноевропските пазари на капитал: пристап на проширена заедничка поврзаност“. Трудот, како што информираат од КХВ, се фокусира на меѓусебните врски и динамиката на пазарите во Источна Европа, при што нуди современ аналитички пристап за подобро разбирање на преносот на движењата и ризиците меѓу регионалните пазари.
Втората награда ѝ е доделена на Флорента Јонузи за трудот „Динамика на волатилноста и макроекономски детерминанти на поврати на пазарот на акции“. Истражувањето се фокусира на влијанието на макроекономските фактори врз движењата на приносите и волатилноста на пазарот на акции, обезбедувајќи значајни согледувања за пазарното однесување и инвестициските трендови.
На авторот на прворангираниот труд му е доделена парична награда во нето-износ од 90.000 денари, додека на второрангираниот труд парична награда во нето-износ од 50.000 денари.
По повод доделувањето на наградите се одржа средба со наградените автори, на која, како што информираат, присуствувале и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази и претседателката на Одборот за оценување и избор на трудовите Мерале Фетахи Вехапи.
-Комисијата за хартии од вредност континуирано вложува во развојот на знаењата и финансиската култура кај младите. Особено нѐ радува што секоја година гледаме квалитетни трудови кои обработуваат актуелни теми од областа на пазарот на капитал. Верувам дека токму младите истражувачи, со своите идеи, аналитички пристап и научна љубопитност, можат да дадат значаен придонес во развојот на финансискиот сектор и во јакнењето на довербата во пазарот на капитал, истакнала Абази.
Првонаградениот Горан Христовски, изјавил дека оваа иницијатива на Комисијата за хартии од вредност е од големо значење и „не охрабрува нас, младите истражувачи да анализираме и да стигнеме до одредени показатели кои ја подигнуваат свеста за инвестирање и не поттикнуваат во иднина да вложуваме на пазарот на хартии од вредност“.
Годишната награда за млади истражувачи, се вели во соопштението, е дел од заложбите на Комисијата за поттикнување на научноистражувачката работа, развојот на финансиската писменост и зајакнувањето на врските меѓу регулаторот и академската заедница. Од воспоставувањето на Конкурсот во 2018 година, Комисијата континуирано ги поддржува младите истражувачи и нивните идеи, препознавајќи го нивниот придонес во унапредувањето на знаењата за пазарот на капитал.
Преку оваа иницијатива, Комисијата ја потврдува својата посветеност на создавање поттикнувачка средина за млади таленти и афирмација на научните истражувања кои придонесуваат за развојот на финансискиот систем и инвестициската култура во Република Северна Македонија.
Фото Економија и бизнис







