Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство на РСМ втора година по ред со група компании успешно се претставија на реномираниот меѓународен саем Саем за храна Грција 2026 (Food Expo Greece 2026), што се одржа во Атина, Грција.
На саемот како изложувачи учествуваа шест македонски извозни компании од земјоделско-прехранбениот сектор:
– „Острог Луна“ Струмица
– „ВИПРО“ ДООЕЛ Гевгелија
– „ДАДО ХИТ 2015“ Штип
– „КИМ“ ДООЕЛ Неготино
– „ЛИОН“ Свети Николе (Леона)
– „Фруктана“ ДОО Крабинци.
Македонските компании изразија исклучително задоволство од остварените контакти, како и од вкупната организација и посетеност на настанот. Саемот беше исклучителна можност за домашните извозни компании да ја претстават и да ја промовираат својата палета на производи и да воспостават трговски и бизнис-релации со потенцијални партнери и купувачи од повеќе земји. Реализирани се бројни деловни средби со потенцијални партнери од различни пазари со, како што велат, реален потенцијал дел од овие контакти да се трансформираат во конкретни извозни договори во наредниов период.
Клубот на извозници втора година по ред настапува на Саемот за храна Грција (Food Expo Greece), саем кој е водечка манифестација за храна и за пијалаци во Југоисточна Европа, со учество на повеќе од 1 300 компании изложувачи од целиот свет и тие ги промовираа своите производи во повеќе области од прехранбената индустрија и од секторот на пијалаци. Саемот за храна Грција 2026 (Food Expo Greece 2026) пречека повеќе од 35 000 посетители и повеќе од 1 000 купувачи од 80 земји во светот.
Поддршката на македонските компании за извозна промоција е веќе конципирана структурно во Комората преку формите и телата кои функционираат − Клубот на извозници, Институтот за извоз и Националниот совет за извоз − преку кои се работи на подигнување на капацитетите на домашните компании за странските пазари.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, кој истовремено е и претседател на Националниот совет за извоз, во континуитет укажува дека, за да се зголемат извозот и конкурентноста на компаниите, треба да се предвиди сериозна владина поддршка на извозните активности, а паралелно клучно за поволен амбиент за бизнис-дејствување потребно е да функционираат правната држава и владеењето на правото, елиминирање на нетарифните бариери, кои се сериозна пречка за зголемување на извозот, зголемување на бројот на стратешките пазари на кои извезуваат македонските компании, како и вмрежување на повеќе институции и компании за олеснување на извозот. Едно е сигурно − вели Азески − без извоз Македонија, како мала и отворена економија, не може да егзистира.
Економија и бизнис, 15 април 2026г







