Каматите на новите кредити растат: Во септември стапката достигна 4,94 %, додека депозитите се каматат со 2,70 %

Во септември 2026 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити минимално се зголеми и изнесува 4,68%. На годишна основа продолжи трендот на намалување, при што падот изнесува 0,17 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,19% и бележи иста динамика како и каматата на кредитите – мал месечен раст од 0,01 п.п. и мал годишен пад од 0,01 п.п.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во септември продолжи да се зголемува на месечна и на годишна основа за 0,24 п.п. и 0,47 п.п., соодветно и изнесува 4,94%. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,70%, при месечно намалување од 0,02 п.п. и годишно зголемување од 0,47 п.п.

Каматни стапки на корпоративниот сектор

Просечната каматна стапка на вкупните кредити на претпријатијата е повисока за 0,03 п.п. во однос на претходниот месец и изнесува 4,36%, при натамошен пад на годишна основа (од 0,10 п.п).

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 2,65% и бележи месечно намалување од 0,04 п.п., во услови на годишен раст од 0,05 п.п. Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор оствари позначаен месечен и годишен раст од 0,37 п.п. и 0,69 п.п., соодветно и изнесува 5,05%.

Каматната стапка на новопримените депозити изнесува 2,73% и е намалена за минимални 0,02 п.п. на месечна основа. На годишна основа растот забрза, при промена од 1,00 п.п.

Каматни стапки на домаќинствата

Во септември, каматната стапка на вкупните кредити на населението изнесува 5,00% и е непроменета во споредба со претходниот месец, додека на годишна основа таа е намалена за 0,24 п.п. Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 2,12% што претставува мал месечен раст од 0,01 п.п., во услови на годишен пад од 0,02 п.п.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата оствари месечно и годишно зголемување од 0,04 п.п. и 0,16 п.п., соодветно и изнесува 4,77%. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е пониска за 0,03 п.п. на месечна основа и изнесува 2,69%, при годишно зголемување од 0,24 п.п.

Повеќе од истиот автор

Најчитано