Европа направи важен чекор со идентификувањето на стратешките минерали и проекти, но вистинскиот тест допрва следува – нивната реализација и преминување кон активно производство, оценува универзитетскиот професор за надворешни односи и истражувач во Атинската академија, Јоргос Калпадакис.
Во колумна за „Катимерини“, Калпадакис анализира како Грција и земјите од поширокото соседство можат да одговорат на растечката потреба на Европа за критични суровини. Според него, самото прогласување на одреден проект за „стратешки“ не е доволно доколку не следи негова реализација.
Како пример ја посочува Виотија, северозападно од Атина, каде што започна пробно производство на галиум. Таму Metlen Energy & Metals развива проект кој Европската комисија го прогласи за „стратешки“ во март 2025 година, согласно Европската Пракса за критични суровини.
Влогот за Европа е значаен. Според Калпадакис, Кина минатата година обезбедила 77 отсто од увозот на галиум во ЕУ, додека европската цел е до 2030 година ниту една трета земја да не покрива повеќе од 65 отсто од годишната потрошувачка на која било стратешка суровина.
Статусот „стратешки проект“ овозможува побрзи процедури за издавање дозволи и подобар пристап до финансирање, но, како што предупредува Калпадакис, тој сам по себе не гарантира дека проектот ќе биде реализиран.
Токму тука се наоѓа и поширокото европско прашање – дали стратешките ресурси ќе останат само идентификуван потенцијал или ќе се претворат во реално производство и економска вредност.
Кај нас, засега рударските проекти наидуваат на обвинувања од страна на дел од јавноста, а последно на тапет беше проектот за бакар во Иловица. Инвестицијата се актуелизираше на последната јавна расправа за просторниот план на државата во Струмица, откако во нацртот беше запишано дека Иловица го има најголемиот руден потенцијал во државата. По вжештената расправа реагираше и локалната иницијатива „И здравје и работа“ од каде порачаа дека стратешките одлуки не смеат да се носат под притисок на закани и политички игри.
„Одлуките за стратешките проекти и економскиот развој на државата не смеат да се носат под притисок на закани, навреди или политички игри. Јавната дебата е демократско право, но таа мора да се води со аргументи, факти и стручни анализи, а не со притисок врз експерти и институции. Нацрт-просторниот план е стратешки документ кој ги утврдува насоките за идниот просторен развој и ги идентификува потенцијалите и развојните можности“, соопштија од иницијативата.
Тие прашаа „кому му одговара Македонија да не ги користи своите природни и економски потенцијали?“.
„Кому му одговара да нема нови инвестиции, нови работни места и нови можности за младите? Не треба да се плашиме од развојот. Треба да бараме развој со правила, со наука, со високи еколошки стандарди и со јасна корист за државата и граѓаните. „И Здравје и Работа“ смета дека иднината на Македонија не смее да се определува со закани и политички притисоци. Таа треба да се гради врз факти, експертиза, институции, инвестиции и одговорност кон идните генерации“, се додава во соопштението.
Инаку, грчкиот професор во колумната потсети и дека проект бил паузиран само неколку месеци откако Европската комисија го признала како стратешки проект.
„Важноста на некои од дозволите во „Јадар“ во Србија истекува во текот на 2027 година, а работата сè уште не е продолжена. Турција проценува дека нејзиното наоѓалиште во Бејликова содржи околу 12,5 милиони тони оксиди на ретки елементи, иако сè уште се чека на независна потврда. Договорот на Украина со Вашингтон предвидува формирање заеднички инвестициски фонд за природни ресурси и обнова, иако дел од наоѓалиштата на минерали во земјата се наоѓаат на територија окупирана од Русија“, се додава во колумната.
Според професорот, ознаката „стратешки“ означува почеток, а не краен исход.
„Без локална согласност, одржливо финансирање и административен капацитет, Европа ризикува да остави нереализирани не само поединечни проекти, туку и својата поширока амбиција за намалување на зависноста од остатокот на светот. Способноста критичните суровини – кои претставуваат стратешки приоритет – да се претворат во реално производство, сама по себе стана мерило за геополитичка тежина“, заклучува професорот.
Првиот услов до ископ на критичните минерали, според него, е локалната согласност, додавајќи дека стравовите од губење на земјоделското земјиште во случајот со „Јадар“ довеле до противења за проектот. Како втор значаен фактор, тој го посочува финансирањето, бидејќи економската исплатливост не е предуслов за добивање на стратешки статус. За трет фактор е истакнат административниот капацитет.
„Метлен“ имаше корист од побрзиот процес на издавање дозволи како стратешки проект, но основниот проблем опстојува: постапката за добивање дозвола за рудник во Грција вообичаено трае од седум до осум години, наспроти горната граница од 27 месеци предвидена со Директивата. Земјите од Северна Европа нудат поинаков пример – Финска во јануари го обедини процесот на издавање дозволи под надлежност на еден орган, додека соодветното тело во Шведска ќе започне со работа во јули 2027 година“, пишува Калпадакис.
Во Македонија се очекува проекти од областа на рударството да бидат означени како „стратешки“ со новите закони за рударство и за геологија.
(комерцијална објава)








