Со Националната стратегија за развој на туризмот 2027 – 2032 поставуваме цврсти темели на еден современ, одржлив и амбициозен пристап, кој треба да ја трансформира нашата земја во препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко – рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков во обраќање на првата јавна расправа за Националната стратегија.
Љутков очекува оваа стратегија да даде јасни одговори и конкретни решенија за: рамномерен регионален развој на туризмот во целата земја; ефективен дестинациски менаџмент на локално и на национално ниво; одржлив туризам, кој ги штити природните и културните ресурси; дигитализација на услугите и промоција на македонскиот туризам; развој на нови високовредносни производи во културниот, езерскиот, планинскиот, руралниот, винскиот и искуствениот туризам и подобрување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.
Според министерот за култура и туризам, Националната стратегија 2027 – 2032 се изработува според најсовремени европски практики и методологии, со широко учество на домашни и на меѓународни експерти, на академската заедница и реалниот сектор.
– Не сакаме овој документ да остане на полица, туку оперативна и функционална стратегија, која ќе биде вистинско средство за развој и ќе донесе видливи резултати – порача Љутков.
Тој укажа дека развојот на туризмот не е само економска категорија, туку е двигател на вкупниот развој на државата, создава нови работни места, поттикнува инвестиции, ја зајакнува локалната економија и го промовира меѓународниот имиџ на Македонија.
– Во време на брзи глобални промени, дигитализација, нови очекувања на туристите и засилена конкуренција, ние не смееме да останеме пасивни набљудувачи. Потребен ни е храбар, стратешки и долгорочен пристап. Македонија е земја со огромен, но сè уште недоволно искористен потенцијал. Нашите прекрасни планини и национални паркови, кристалните езера, богатото културно и археолошко наследство, традиционалната кујна, винските региони и автентичната гостопримливост на нашиот народ се вистинско богатство, кое може и мора да стане силна конкурентска предност на меѓународниот туристички пазар – рече министерот за култура.
Поголема потрошувачка и подолги туристички сезони, се клучните насоки од експертите за националната стратегија за развој на туризмот за периодот 2027 – 2032 година, за која денеска се одржа првата јавна расправа. Наместо кон бројот на туристите, беше порачано дека фокусот треба да биде кон создавање поголема економска вредност од туризмот.
На јавната расправа беше истакнато дека туризмот има значаен, но недоволно искористен економски потенцијал, а клучните предизвици се високата сезоналност, недоволната вредност по турист, како и сивата економија.
За подготовка на стратегијата во наредниот период ќе се спроведе обемно истражување за состојбите во секторот, од каде преку детални анализи ќе се добијат одговори и насоки за одржливи политики кои треба да станат дел од програмата на Владата. Предвидени се анализи од кои се очекуваат правците на делување за да се обезбеди подолг просечен престој на туристите, но и попопуларизирање на дестинацијата на домашниот пазар. Ќе се направи и осврт на специфичните видови туризам, како и утврдување на потенцијалот за зголемен удел во алтернативни форми кои се многу значајни за постигнување рамномерен регионален развој, како и дефинирање на решенија за унапредување на регулативата за да се овозможи побрз развој на ваквите видови туризам.
Финалната верзија на нацрт стратегијата се очекува за крајот на септември, а на крајот на годинава и заокружување на целиот процес.
– Со стратегијата за развој на туризмот 2027 – 2032 поставуваме цврсти темели на современ, одржлив и амбициозен пристап кој треба да ја трансформира нашата земја во препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко – рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во обраќање на првата јавна расправа на која учествуваа хотелиери, туристички агенции, туристички водичи, сопственици на мали семејни објекти, претставници на руралните и на планинските региони, експерти, професори.
Фото Економија и бизнис







