Јаневска: Ќе ги спонзорираме основците и средношколците кои ќе освојат прва, втора и трета награда или медали на меѓународни натпревари и олимпијади

 Подигнување на свеста на општеството за значењето на знаењето и за значењето на наставниците е целта на последната панел-дискусија во рамките на кампањата „Магијата е во знаењето“ на тема „Училницата на иднината: вештачката интелигенција, знаењето и новата улога на наставникот“. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека денешната тема е вештачката интелигенција (ВИ) и дека нивна цел како Влада и како МОН е да ја воведат во секојдневниот живот на учениците и наставниците, но исклучително внимателно со користење на етичките принципи затоа што секоја нова технологија носи многу добри страни и ризици.

– Денеска со нас е Македон за да нè потсети на тоа што значи знаењето. Без оглед како се развива технологијата, знаењето е исклучително важно, но најважно од сè и клучната улога ја имаат наставниците, кои ги заслужуваат целата наша почит и нашата доверба и се надевам дека тие ќе си ја извршуваат својата функција и во однос на вештачката интелигенција така како што треба,- рече Јаневска.

На настанот беше присутен и младиот математички талент Македон Димитровски, кој на Германската математичка олимпијада освои два златни медали и се вброи меѓу најдобрите учесници на натпреварот. Тој изјави дека натпреварот во Германија бил многу интересен и му се допаѓал бидејќи бил првиот натпревар на кој тој имал голема возбуда и трема.

Направивме законска измена, ќе ги спонзорираме и децата од основното образование и од средното образование кои ќе освојат прва, втора и трета награда или златен, сребрен и бронзен медал на меѓународни натпревари и олимпијади. Обезбедуваме покривање на трошоците за учество на олимпијадите на учесниците и менторите, даваме стипендија од девет месеци на добитниците и еднократни награди на добитниците и на нивните ментори, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Тоа што треба децата и нивните родители да знаат, појасни таа, е да се информирани кои олимпијади и кои натпревари ги финансира министерството.

– Ги финансира 15-те признаени меѓународни олимпијади и сите меѓународни натпревари каде има повеќе од 10 земји учесници. Минатата година сите барања ги задоволивме и потрошивме 4,5 милиони денари на големо наше задоволство и на задоволство на сите останати. Стипендиите за средношколците и основците се девет месеци по три и пол илјади денари, дополнително има 80, 60 и 40 проценти од една просечна плата, но има и пет, три и две просечни плати во зависност од тоа какво место освоиле децата. рече Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање пред почнувањето на последната панел-дискусија во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, на тема „Училницата на иднината: Вештачка интелигенција, знаење и новата улога на наставникот“ на кој присуствуваше и младиот математички талент Македон Димитровски.

Таа потенцира дека подолго време ја најавува и се надева дека е при крај концепцијата за талентирани ученици која се подготвува.

Многу тежок процес, истакна таа, е да се направи концепција за талентирани и е многу скап процес, затоа што концепцијата ќе се направи според добрите практики од други земји, но алатките кои се користат за откривање на талентирани деца е тешко да се спроведат.

– Ние нема да се откажеме, ќе почнеме и тоа да го работиме и ќе видиме дали во договор со некој од познатите универзитети кои имаат такви алатки ќе можеме да направиме некаков договор да ни помогнат и во едукација на наставниците, затоа што тоа е сложен процес и не може да се примени веднаш. Треба да бидат едуцирани луѓе, да бидат запознаени со алатките, родителите треба да се согласат за тоа да биде реално спроведено и така како што треба. Она со што јас би рекла дека треба да бидеме среќни е тоа што родителите си ги препознаваат децата, наставниците ги препознаваат и им помагаат на талентираните деца и успехот е евидентен и еден пример денес имаме тука, додаде Јаневска. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано