Советот на Европската Унија во понеделник ја усвои новата Регулатива за враќање, документ што означува една од најрадикалните промени во миграциската политика на блокот во последните децении. Клучната иновација е воведувањето на таканаречените „центри за враќање“ – објекти што ќе бидат лоцирани надвор од територијата на ЕУ, во кои земјите-членки ќе можат да испраќаат нерегуларни мигранти кои немаат право на азил.
Иако Брисел ги промовира овие центри како „иновативно и ефикасно решение“ за забрзување на процесот на враќање, зад оваа терминологија се крие сложена правна и морална дилема што би можела да го редефинира ставот на Европа кон човековите права.
Системот е дизајниран да го префрли миграцискиот притисок од европските граници кон трети земји, главно во Африка и Азија. Овие центри ќе служат како чекални за луѓе кои веќе влегле во една од земјите на ЕУ, но нивниот престој е одбиен.
Она што го прави овој закон особено значаен е укинувањето на претходниот принцип на „поврзување“. Имено, според старите правила, мигрантот можеше да биде вратен само во неговата матична земја или во земја со која има докажана врска. Новиот систем го отстранува тоа правило, дозволувајќи му на Брисел да испраќа луѓе во сосема непознати земји со кои немаат контакт точки, под услов тие земји да се согласат на договор со ЕУ.
Токму во оваа флексибилност лежи коренот на острите критики што доаѓаат од невладините организации и граѓанското општество. Најголемата загриженост е фактот што надзорот врз овие центри е речиси непостоечки. Законот предвидува дека центрите можат да се отвораат само во земји што ги почитуваат меѓународните стандарди за човекови права, но критичарите предупредуваат дека оваа заштитна мерка е само мртва буква на хартија.
Договорите што земјите-членки ги склучуваат со трети земји ќе бидат билатерални, што значи дека тие нема да поминат низ филтерот на Европската комисија и нема да бидат предмет на надворешна ревизија. Ова отвора опасен простор за соработка со автократски режими каде што контролата на тортурата и нехуманиот третман е практично невозможна.
Особено трогателен сегмент од оваа политика се однесува на статусот на семејствата. Иако малолетниците без придружба засега се поштедени од оваа постапка, семејствата со деца не се. Ова значи дека децата би можеле да ги поминат клучните години од растењето во еден вид правен вакуум, без пристап до образование и соодветна социјална заштита, додека нивните родители чекаат депортација што можеби никогаш нема да се случи.
Правните експерти укажуваат на феноменот на „де факто притвор“. Бидејќи на мигрантите нема да им биде дозволено да ги напуштат овие центри, тие стануваат затвореници без да сторат кривично дело и, што е поважно, без јасно дефиниран рок на притвор. Во некои случаи, ако матичната земја одбие да го прифати мигрантот, тој може да остане во центарот во трета земја со години, што е строго забрането од Европскиот суд за човекови права. Овој пристап ги претвора „центрите за враќање“ во места каде што основните права престануваат да важат во моментот кога мигрантот ќе ја напушти територијата на Европската Унија, пишува Euronews.
И покрај критиките, интересот на земјите-членки е огромен. Група земји предводени од Германија, Холандија и Данска веќе интензивно го испитуваат теренот во Африка. Иако Уганда често се споменува како потенцијален партнер, многу трети земји се двоумат поради страв од реакцијата на сопствената јавност и трошоците што ги подразбираат ваквите проекти.
Финансиската страна на приказната е посебен предизвик. Италијанскиот пример со центрите во Албанија, кои се сметаат за пилот-проект за овој закон, покажува впечатливи економски нелогичности. Италија троши повеќе од 150.000 евра по место во албанскиот центар, додека истиот мигрант во Сицилија би ја чинело земјата само 21.000 евра. Прашањето со кое се соочуваат даночните обврзници низ ЕУ е: дали идеолошкото раселување на мигрантите од очите на јавноста вреди седум пати повеќе?
Додека италијанскиот премиер Џорџа Мелони го слави „италијанскиот модел“ што стана европски стандард, правните битки штотуку започнаа. Последниот збор за тоа дали овие центри ќе станат трајна архитектура на европските граници веројатно ќе го дадат судовите, додека човечката цена на ова „иновативно решение“ ќе стане јасна дури кога првите авиони со мигранти ќе полетаат кон центрите во трети земји, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис







