Европа и регионот бараат нов бакар, Турција го зголемува производството – Иловица останува неискористена

Бакарот станува една од клучните суровини за современата индустрија, енергетиката и технолошкиот развој. Цената на металот веќе десетта недела по ред бележи раст, додека понудата на светскиот пазар се намалува.

Како одговор на зголемената побарувачка, државите вложуваат во нови рудници и истражување на сопствените ресурси.

Регионот не е исклучок. Ново производство на бакарен концентрат се очекува во Грција, Бугарија и Романија, додека Турција веќе интензивира активности на нови наоѓалишта и најавува производство од околу 40 илјади тони бакар годишно.

Македонија, од друга страна, располага со потенцијал кој сè уште не е ставен во функција.

Клучниот проект е наоѓалиштето во Иловица, каде што е предвидена експлоатација на околу 10 милиони тони руда годишно и просечно годишно производство од над 10 илјади тони бакар.

Со количините на руда со кои располага наоѓалиштето, проектот би можел да биде активен околу 23 години.

Економскиот потенцијал е значаен. Според проекциите на инвеститорот, Иловица има потенцијал да биде меѓу трите најголеми извозни компании во Македонија, со извоз од над 200 милиони евра годишно.

Во земјава во моментов нема други активни инвестиции во ископ на критични минерали, освен постојното производство во Бучим-Боров Дол, кое изнесува околу 8 илјади тони бакар годишно.

Во момент кога бакарот станува сè поважен ресурс, секое одложување на новите инвестиции значи и пропуштање можност Македонија да се вклучи во новите регионални и европски синџири на снабдување.

Од друга страна, последниот пример од Турција покажува дека постоечки рудни наоѓалишта веќе ги испитуваат потенцијалите конкретно за бакар. „АЦГ Металс“ го произведе својот прв бакарен концентрат од рудникот Гедиктепе, со што официјално е ставен крај на ископот на скапоцени метали и цинк. Компанијата соопшти дека целта е годишно производство од 40.000 тони бакар. Во рудникот некогаш се ископувале злато, сребро и цинк, а сега производството се преориентира на бакар, бидејќи вештачката интелигенција, електрификацијата и другите технологии ја зголемуваат побарувачката за црвениот метал.

„Производството на нашиот прв бакарен концентрат го означува преминот на АЦГ во производител на бакар што е одлучувачка пресвртница за компанијата.

Нашиот приоритет сега е дисциплинирано зголемување на производството, обезбедување конзистентен квалитет на концентратот и напредување кон производство во стабилна состојба“, соопштија од раководството на рудникот.

Минатата недела на Лондонската берза на метали беше регистриран последователен раст на цената на бакарот, веќе десетта недела по ред. Цената достигна 14.304 долари за тон.

Аналитичарот на финансиската куќа Citigroup Inc., Том Малквин, прогнозира цена од 15.000 долари за тон до крајот на годината, со потенцијал да достигне околу 17.000 долари. Според него, вториот случај ќе биде можен ако производството стагнира, а побарувачката за бакар поради енергетската транзиција, центрите за податоци или стратешкото складирање се покаже како посилна од очекуваното. 

Низа разочарувања ги поткопаа очекувањата дека глобалната понуда на рудниците ќе забележи барем скромен раст оваа година. Податоците на Меѓународната група за студии за бакар (ISCG) покажуваат дека производството се намалило за 1,1% во првата половина, при што главните производители забележале двоцифрен пад. Влошувањето на квалитетот на рудата, неуспесите во проектите и екстремните временски услови ја зголемуваат загриженоста за тоа дали понудата може да го одржи чекорот со побарувачката, бидејќи електрификацијата добива на интензитет во наредните години.


(комерцијална објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано