Интервју со Виктор Кајзер, луксузен купувач и моден дизајнер
Професијата бутик купувач на луксузна или на дизајнерска облека (на англиски позната како баер) е многу повеќе од тоа што би се замислило. Се работи за специфична модна задача која е и тоа како важна за успешното развивање на одреден бренд, но и за „сообраќајот“ на идеи меѓу дизајнерот и крајниот потрошувач. Kога се работи во луксузни продавници потребна е одредена подготовка и постојат финеси кои треба да се познаваат. Се работи за блиска соработка, односно импрегнација со идејата која ја имал дизајнерот, а продавницата како директен контакт со потрошувачот треба да ја пренесе неа. Секако, тука се зборува за секторот на модата во кој се презентираат дизајнерите и луксузната индустрија, поретко тоа се случува со брендовите кои се позиционирани на средниот пазар затоа што тука ретко се раскажува некоја специфична приказна или изработка, тука повеќе се следат отколку што се креираат трендовите и новите приказни.
Колку што ми е познато, според својата стриктна дефиниција, кај нас во моментов не постои таков профил. Исклучок се ретки примери кои презентираат селекција од луксузни брендови или брендови позиционирани во висока средна класа во постоечките шопинг-центри кај нас. Можеби најблиску до тоа што значи да се изгради една автентична персонална модна приказна кај нас беше бутикот ВИА во центарот на Скопје. Тој простор сега, за жал, е затворен, а неговите сопственички секоја сезона патуваа на модните недели во Италија и во согласност со позиционирањето на бутикот и на клиентелата ја градеа својата приказна, одбирајќи три бренда од надвор и два домашни бренда како составен дел од понудата. Тоа беше еден од малкуте мултибренд и независни луксузни продавници за мода во градот.
Еден од моите најталентирани студенти, сега веќе неколку години дипломиран, Виктор Кајзер, моментално живее во Италија и токму тоа го работи − баер (во недостаток на соодветен израз − купувач) за луксузниот бутик Микс, со три продавници на езерото Гарда (Lago di Garda) и една во Мантова.
Што точно подразбира вашата работа? Се работи за дел од модниот систем кој не постои кај нас, па како би ја опишале професијата баер на македонските потрошувачи?
Баерот е купувач на модни колекции. Во текот на модните недели ги гледаме колекциите одблиску и правиме селекција за тоа што ќе оди во продажба. Претходно правиме анализа на тоа како се одвивала продажбата на колекција од изминатата сезона и одблиску ја следиме тековната сезона. Ова го правиме со сите брендови за да ја искристализираме сликата за тоа колку брендот што го купуваме е економски исплатлив и каде сме погрешиле во купувањето претходно за да не ја повторуваме истата грешка во следната сезона.
Како баер за луксузна продавница, прв ги гледате колекциите од блиску. Кој е вашиот впечаток за најновите колекции?
Колекциите за есен/зима 2026/27 покажаа континуитет на досегашната работа на брендовите, па малку се потпреа на новитети и на трендови со цел да им дадат сигурност на потрошувачите. Според мене, овој пристап е поради сè поголемата криза во модниот сектор кој е под силен удар на геополитичките движења, тековната инфлација која предизвикува несигурност кај потрошувачите и се изразува со намален интерес за луксузниот сектор кој дополнително ја продлабочува кризата во луксузниот сектор. Со големиот пораст на цените, денес изборот на потрошувачите се базира на продукти кои можат да ја оправдаат цената и воедно да имаат функција во секојдневието − доколку продуктот нема јасен концепт и примена не се продава. Сите овие фактори ги натераа модните куќи да стават акцент на подобри материјали, јасен брендинг и функционалност за да ги оправдаат високите цени, односно да ја следат равенката цена = приказна + производ (Price = Story + Product).

Па, во контекст на цена и производ, доколку се префрлиме на средниот и на масовниот пазар, неодамна модната јавност беше благо кажано изненадена од објавата за најновата соработка − Џон Галиано и Зара! Имаше многу контрадикторни коментари на таа тема, јас лично чекам со голем интерес да видам како големиот Галиано ќе му пристапи на предизвикот. Кое е вашето мислење?
За да го одговорам ова прашање прво морам да кажам дека Зара ова не го прави бидејќи сака да го смени својот бизнис-модел. Напротив, тие го прават ова како реакција на сè поголемиот замав на мега масовниот застапник на брзата мода Шеин (Shein) кој е далеку покомпетитивен од нив и тие веќе ја губат битката со овој кинески гигант. Стратегијата за спас е позиционирање во повисок ценовен сегмент, односно позиционирање на брендот за скала погоре − подобри материјали, изработка, подобро шопинг-искуство во нивните физички продавници итн. Во целата оваа приказна, улогата на Галиано е минорна бидејќи наместо него можеше да биде кој било еминентен дизајнер. Тој во оваа ситуација е само дел од стратегијата на Зара да продолжи да доминира на пазарот со навидум подобар квалитет и двојно повисоки цени − стратешки одлично сработено.
Кои знаења се потребни кога нарачувате колекција од луксузни брендови 6 месеци однапред?
Познавањето на пазарот и на потрошувачите се клучни, но покрај тоа оваа професија бара и големо познавање на модата во целост. Кога гледате една колекција како баер правите генерален план не само за тоа што нуди еден бренд туку и за сè друго што сте виделе во текот на модната недела од другите брендови, па потоа креирате сложувалка од стилови кои ќе ги презентирате 6 месеци подоцна.
Дали еден од клучните фактори е и интуицијата или сè е базирано на сувопарни бројки?
Интуицијата е битен фактор и таа е тесно поврзана со т.н. сувопарни бројки кои, во мојот случај, се квантитетите на нарачките. Кога купувате една колекција интуицијата е таа што ви кажува кое парче ќе го нарачате во поголема количина, а кое во помала.
Иако денес е многу тешко да се предвиди што точно потрошувачите ќе сакаат после шест месеци, но со подлабока анализа на моменталната продажба и на влијанието на тековните трендови можеме попрецизно да се ориентираме.

Кои се брендовите кои ги претставувате? Која е просечната цена?
Имаме долга листа на брендови како Мезон Мартин Марџела (Masion Martin Margiela), Марни (Marni), Д Роу (The Row), Џил Сандер (Jil Sander), Исеј Мијаке (Issey Miyake), Макс Мара (Max Mara) итн. Не би можел да дадам просечна цена, но во тековната колекција имаме дизајни од 300 евра, но и од 13 000 евра.
Кој е вашиот омилен производ или производи оваа сезона, колку чини/чинат и кој квалитет би го истакнале?
Персонално два омилени производи оваа сезона од мојата селекција се: еден мантил од брендот Д Роу (The Row) кој оди во продажба 13 500 евра и е направен од телешка кожа, додека целосната постава е од свила. Технички е изработен до перфекција.
Вториот омилен продукт е чантата Марло 17 од истиот бренд која во продажба оди 6 300 евра и е комерцијален успех оваа сезона бидејќи таа во три бои се продаде во рок од една недела.
Вие бевте еден од моите најкреативни студенти, дизајниравте со голема леснотија и се надевам дека во блиска иднина ќе започнете со презентирање на креации со ваш потпис. Дали модата е тоа што го очекувавте кога студиравте?
Мојата професионална приказна во модата почна долго пред моите студии. Имав 14 години и бев сè уште дете кога почнав да работам за Моден викенд Скопје, а подоцна работев и како дизајнер. Студирањето беше едно заокружување на моите претходни познавања.
Разговараше, Лидија Георгиева
Економија и бизнис, 15 април 2026








