ИНТЕРВЈУ | Марјан Максимилијан Денков: СОЗДАВАМ ВНИМАТЕЛНО ОСМИСЛЕНИ ПРОСТОРИ

Изложба во Париз

Во салоните на македонската амбасада во Париз неодамна се одржа интересен настан од областа на културата − јубилејна изложба која со своето ниво и со квалитет придонесе за видливоста на креативците со кои може да се пофали нашава земја. Нашиот Марјан Максимилијан Денков одбележа 20 години живот и работа во Париз и 14 години од основање на неговиот бренд Ру месје Париз (Rue Monsieur Paris).

Роден во Скопје, со завршени студии на Факултетот за ликовни уметности кај нас, а потоа и на престижната Национална висока школа за ликовни уметности во Париз, тој дипломираше во 2007 година под менторство на светски познатиот уметник Кристијан Болтански.

По дипломирањето, Денков изложуваше на бројни меѓународни изложби, на некои од нив имав можност да присуствувам и со големо задоволство да го откривам, да сведочам на развивањето на неговиот талент. Следеа возбудливи изложби во музеи и биеналиња на современа уметност во: Солун, Пекинг, Њујорк, Букурешт, Барселона, Брисел, Скопје, Варшава, Берлин и Париз.

Неговиот бренд Ру месје Париз (Rue Monsieur Paris) тој го основаше во 2012 година во Париз, па за многу кратко време не само што успеа да се позиционира на меѓународната сцена туку и да ги освои срцата на строгите критичари и на новинарите кои го покриваат дизајнот за што сведочат престижните појави на неговите дизајни во врвни часописи како Мари Клер Мезон, АД Архитекчурал дајџест, Базар, Вог итн.

Само шест месеци по неговото основање имав можност да уживам во излозите на култната париска стоковна куќа, а може да се каже и туристичка шопинг-атракција − Галери Лафајет (Galeries Lafayette). Тие му посветија дел од своите излози во рамките на Париската недела на дизајнот, незаобиколна манифестација за секој кој сака нешто да значи на таа сцена или да се информира за трендовите кои следат во индустријата.

Покрај дизајнот на мебел, Денков уредува приватни резиденции и јавни објекти.

Со овој јубилеен настан во Париз, Марјан Максимилијан Денков уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од најуспешните македонски креативци, продолжувајќи да го афирмира современиот дизајн на меѓународната сцена.


Господине Денков, вие студиравте современа уметност, но Вашата кариера многу успешно и на високо светско ниво ја продолживте како архитект за внатрешно уредување и дизајнер. Што значеше за Вас овој свечен настан?

За мене ова се два значајни јубилеи, јас сум со македонско потекло, но 20 години живеам и творам во француската престолнина. Воедно тука е и мојот бренд, Ру месје Париз интериорс (Rue Monsieur Paris Interiors) кој постои веќе 14 години. Настанот беше поддржан од нашето Министерство за култура и туризам и организиран под високото покровителство на амбасадорот во Франција, проф. д-р Игор Гила Николов.

Марјан Максимилијан Денков, со македонскиот амбасадор во Франција, Игор Николовски и неговата сопруга
(фото: Sara DELLA GIACOMA)

Јубилејната прослава имаше одличен прием и многу позитивен одзив од париската публика, од медиумите, од клиентите и од институциите. Особено ме радува што настанот привлече гости не само од Париз туку и од Лондон, од Хрватска, од Швајцарија и од други европски земји. Впечатоците се исклучително позитивни и ми даваат дополнителна мотивација за нови креативни и професионални предизвици.

Препознатливи сте по смелите просторни трансформации и вниманието кон секој детаљ, заедно со врвна мајсторска изработка. Кој аспект од Вашиот специфичен авторски пристап и ракопис го прикажавте на публиката?

Гостите имаа можност да бидат дел од мојот креативен свет со кој оставам препознатлив печат повеќе од една деценија на француската и на меѓународната дизајнерска сцена.

Ру месје Париз интериорс претставува концепт на современ животен стил во кој се спојуваат традиционалното мајсторство, уметноста и современиот комфор. Со моите проекти, јас создавам внимателно осмислени простори каде што мебелот, осветлувањето, уметничките дела и амбиенталните детали се дел од уникатно визуелно и сетилно доживување.

Интересно е да се истакне дека по повод изложбата за дизајн и уметнички занаети на Градот Париз, Ан Идалго (Anne Hidalgo), градоначалникот на Париз лично ми упати честитки, оддавајќи признание за моите остварувања.

Воедно брендот беше и дел од престижната изложба на француското занаетчиство и уметнички вештини во Музејот за декоративни уметности Кунсгевербемузеум (Kunstgewerbemuseum) во Берлин.

Кои се Вашите следни активности и проекти?

Во однос на идните планови, во моментов работам на неколку нови меѓународни проекти, меѓу кои и хотелски проект. Мојата цел е да продолжам да креирам и да го развивам брендот Ру месје Париз на интернационално ниво, отворајќи нови можности и соработки во светот на дизајнот и на внатрешното уредување.


Економија и бизнис, 15 јуни 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано