Индустријата расте, но рударството паѓа – без нови инвестиции секторот ризикува дополнително да се намалува

Иако македонската индустрија во јули годинава забележала раст, рударството продолжува да се движи во спротивна насока. Последните податоци покажуваат пад на производството од 5,9%, но и дополнително намалување на бројот на работници.

Државниот завод за статистика регистрирал 5,9% пад на производството во рударството и вадењето камен во јули 2026 година во однос на истиот месец во 2025 година. Бројот на работниците во секторот е намален за 7,8%.

За споредба, вкупното индустриско производство во истиот период пораснало за 1,3%. Резултатите покажуваат дека рударството останува една од слабите точки во индустриската структура на земјата.

Покрај зачувувањето на постојните работни места, за стабилизирање на секторот се потребни и нови инвестиции. Експертите потенцираат дека развојот треба да се темели на одговорно и одржливо рударство, со почитување на еколошките стандарди и примена на современа технологија.

Во тој контекст, проектот за бакар во Иловица се издвојува како една од инвестициите што можат да внесат нова динамика во секторот, со најавена примена на современи технологии и стандарди за одговорно рударство.

На ова наоѓалиште годишно би се произведувале околу 16 илјади тони бакар, што значително ќе влијае на македонскиот извоз, а самата инвестиција би тежела 350 милиони евра. Дополнително, инвеститорот информираше дека проектот ќе придонесе за економијата и со 500 директни вработувања и над две илјади индиректни вработувања. Од друга страна, голем број на инвестиции во рударството во минатото не се реализираа, а нов рудник во Македонија се нема отворено повеќе од четириесет години.

На неодамнешното одбележување на Денот на рударите, претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Диме Петрески порача да се создаде стабилен и предвидлив амбиент во кој рударскиот сектор ќе може да се развива, да привлекува инвестиции, да отвора нови работни места и да придонесува уште повеќе кон економскиот развој на Македонија.

„Рударството отсекогаш имало значајно место во економскиот и индустрискиот развој на Македонија. Денес, во услови на големи економски, енергетски и технолошки промени, неговата улога станува уште позначајна. Без суровините што ги обезбедува рударството, тешко можат да се замислат современата индустрија, енергетиката, градежништвото и технолошкиот развој. Но, современото рударство мора да биде и одговорно рударство – рударство кое ги почитува највисоките стандарди за безбедност и заштита на животната средина, ги применува современите технологии и создава долгорочна корист за државата, локалните заедници и граѓаните“, истакна Петрески.

Универзитетскиот професор Ѓорѓи Димов потенцираше дека рударството има длабоки корени во историјата и развојот на Македонија, но дека рударството не е само дел од нашето минато, туку е и важен дел од нашата сегашност.

„Денес, кога светот забрзано се менува, улогата на минералните суровини станува сè позначајна. Енергетската и дигиталната транзиција, развојот на новите технологии, индустријата и современата економија се незамисливи без минералните суровини. Но, истовремено, денес не можеме да зборуваме за иднината на рударството без да зборуваме и за заштитата на животната средина. Современото рударство мора да биде безбедно, технолошки напредно и економски одржливо, но и одговорно кон природата, водите, почвата, биодиверзитетот и локалните заедници“, нагласи Димов. 

Според професорот, рударството не е професија на минатото, туку професија на иднината. 

„Но, тоа ќе биде рударство со ново лице – побезбедно, поефикасно, дигитализирано и пред сè, поодговорно кон животната средина. Нашата порака до рударската индустрија е дека универзитетот и индустријата мора да бидат вистински партнери. Само преку заедничка работа, научноистражувачка дејност и примена на нови технологии можеме да создадеме рударство кое ќе биде конкурентно, безбедно и одржливо“, заклучи Димов.

Македонското рударство годишно контрибуира со околу 250 милиони евра приходи.


(комерцијален објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано