Производството на руска сурова нафта се намали во мај за околу пет проценти во споредба со истиот период минатата година поради украинските напади врз енергетската инфраструктура во Русија, објави денес Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), наведувајќи дека производството од 8,7 милиони барели дневно е десет проценти под мајската цел.
Со цел да го погоди главниот извор на руски воени средства, Украина ги удвои нападите врз рафинериите во Русија од почетокот на оваа година, што доведе до целосно или делумно запирање на преработката на нафта, објави Ројтерс, повикувајќи се на официјални податоци.
„Поради континуираните напади врз нафтената инфраструктура, ја намаливме прогнозата за руска сурова нафта оваа година за 200.000 барели дневно, на 8,95 милиони барели дневно“, објави ИЕА со седиште во Париз.
Како што е наведено во месечниот извештај на ИЕА, Украина почна да ги таргетира пооддалечените руски области за производство на нафта со беспилотни летала со поголем дострел.
Овој месец, Русија за прв пат призна дека производството на нафта е намалено оваа година, наведувајќи го непланираното одржување како причина. Третиот најголем производител на нафта во светот престана да објавува податоци за производството на нафта во април 2023 година, малку повеќе од една година по почетокот на војната со Украина.
Меѓународната агенција за енергија соопшти дека извозот на руска сурова нафта и нафтени производи останал стабилен на околу 7,4 милиони барели дневно во мај, што е малку променето во однос на претходната година и покрај нападите.
Вкупните приходи од извозот на нафта се намалиле за 710 милиони долари во споредба со претходниот месец на 20,8 милијарди долари во мај, но тоа е за 65 проценти повеќе отколку пред една година и блиску до рекордни нивоа.
Според ИЕА, украинските напади ја принудија Москва да даде приоритет на снабдувањето на домашниот пазар со нафтени производи и да го максимизира извозот на сурова нафта, кој се зголеми за 490.000 барели дневно во однос на истиот период минатата година на 5,2 милиони барели дневно, враќајќи се на нивото од 2022 година, пренесува РТЦГ.
Во последните недели се чуствува најголем недостиг на гориво на Крим. Возачите чекаат со часови на бензинските пумпи, а цените на бензинот дополнително се зголемија. Експертите тврдат дека ова е само почеток и дека кризата со горивото ќе биде уште поголема.
Украинските беспилотни летала само во мај 16 пати ги погодија руските рафинерии, погодувајќи осум од 10-те најголеми објекти во земјата.
Кризата со горивото во Крим прво се прошири на Краснодарскиот крај во Црното Море. Според ДВ, 15 бензински пумпи во овој руски град целосно престанале да продаваат гориво. Луѓето се жалат на социјалните мрежи дека бензинот често снемува дури и на пумпите кои јавно не го објавиле прекинот на продажбата, а како најголеми виновници ги гледаат возачите од Крим кои патуваат до Краснодарскиот крај за да наполнат гориво, пренесува Блиц.
Фото Економија и бизнис








