Во јуни 2026 година, Хрватска регистрираше 3 милиони пристигнувања и 13,5 милиони ноќевања, што претставува намалување од 6,6 проценти кај пристигнувањата и 6,1 процент кај ноќевањата во споредба со истиот месец минатата година.
Во исто време, домашните туристи забележаа значителен раст – нивниот број на пристигнувања се зголеми за 11,8 проценти, а ноќевањата за 11,7 проценти.
Според податоците од Централниот завод за статистика, домашните туристи регистрираа 387 илјади пристигнувања и 1,2 милиони ноќевања во јуни, додека странските гости регистрираа 2,6 милиони пристигнувања и 12,3 милиони ноќевања.
За разлика од домашните туристи, кај странските туристи е забележан пад – нивните пристигнувања беа за 8,9 проценти помалку, а ноќевањата за 7,5 проценти помалку отколку во јуни минатата година.
Странските туристи сè уште сочинуваат огромно мнозинство од вкупниот туристички сообраќај, со 91,1 процент од ноќевањата, додека домашните гости учествуваа со 8,9 проценти.
Најмногу ноќевања меѓу странските туристи забележале гости од Германија – дури 2,7 милиони, или 22,1 процент од сите ноќевања на странски туристи. Сепак, ова е значителен пад од 28,1 процент во споредба со јуни 2025 година.
Германските туристи најмногу ноќевања поминале во Истарската жупанија, каде што регистрирале 1,4 милиони ноќевања. Потоа следува Приморско-горската жупанија со 523 илјади, Сплитско-далматинската жупанија со 252 илјади и Задарската жупанија со 237 илјади ноќевања.
По Германците, најмногу ноќевања забележале туристи од Австрија, Словенија, Полска, Чешка, Обединетото Кралство и Италија.
Позитивно е што е забележан раст од повеќето од овие земји. Ноќевањата на туристите од Италија се зголемиле за 5 проценти, Словенија за 3,9 проценти, Полска за 3,2 проценти, Чешка за 2,4 проценти и Обединетото Кралство за 1,2 проценти. Од друга страна, имало 6 проценти помалку австриски туристи, објави Далмација данас.
Фото Економија и бизнис








