Германската министерка за труд, Барбел Бас, објави дека во јуни ќе презентира нацрт-закон со кој ќе се олабави сегашното ограничување на осумчасовниот работен ден.
За време на нејзиниот говор во Бундестагот, Бас рече дека предложените измени ќе вклучуваат и воведување на електронска евиденција на работното време со цел подобро да се заштитат вработените од можни злоупотреби, особено во сектори како што е доставата на пакети, објавија германските медиуми.
Таа нагласи дека целта на реформата не е продолжување на работното време, туку поголема флексибилност што ќе им овозможи на вработените, особено на жените и младите татковци, полесно да ги усогласат деловните и семејните обврски.
Планот предизвика остри реакции од синдикатите.
Коалицискиот договор на најголемите германски партии, Христијанско-демократската унија (CDU/CSU) и Социјалдемократската партија (SPD), предвидува можност за премин од дневно на неделно ограничување на максималното работно време.
Претседателката на Германската конфедерација на синдикати, Јасмин Фахими, предупреди дека таквата реформа може да има негативни последици за работниците. Според важечките прописи во Германија, максималното работно време е генерално осум часа дневно, односно 48 часа неделно.
Фото Економија и бизнис








