пишува Зоран Јолевски | aвторот е поранешен амбасадор и министер за одбрана
Коридорите отсекогаш се центарот на националните стратегии на државата за обезбедување на развоен и на безбедносен амбиент и имаат геостратегиско значење. Коридорите се повеќедимензионални, транспортни (патни, железнички, воздушни, поморски, речни и езерски), енергетски (далноводи за електрична енергија, гасоводи, нафтоводи, а во поново време и цевководи за хидроген), телекомуникациски и информатички. Тие се крвотоци на општеството.
Последниве години коридорите се во центарот на геополитиката, на геоекономијата и на глобалната безбедносна архитектура. Блокадата на Ормутскиот Теснец стана главен чинител во Иранската војна и нанесе потреси врз светската економија. Слободната пловидба, воздушните коридори, безбедното функционирање на цевководите и на оптичките кабли на дното на океаните се неопходни за светската економија.
Коридорите се клучни за геостратегиската позиција и припадност на една држава и за нивото на развој. Стратегијата во оваа област треба да биде составен дел од долгорочната визија на политичкото лидерство за идното позиционирање на земјата. Неопходно е државите да имаат високософистицирана стратегија за нивна интеграција во глобалните коридори. Во подготовката на стратегијата не треба да се има предвид само техничкиот и финансискиот аспект туку и безбедносната и дипломатската димензија.
Иницијативата „Три мориња“ − платформа за координиран развој на приоритетните коридори во регионот кој гравитира меѓу Балтичкото, Црното, Јадранското и Егејското Море
Коридорите се основа на интеграцијата, на развојот на меѓусебната трговија и на поврзување на општествата на различни држави. Затоа е неопходна координација меѓу државите, која ќе обезбеди поврзување и оптимален развој на коридорите. За нивниот развој се потребни огромни финансиски средства и подолг временски период бидејќи нивната изградба трае подолго време. Унијата стави значаен акцент и одвои огромни финансиски средства за развој на прекуграничната инфраструктура со новите членки кои пристапија во 2004 и во 2007 година бидејќи оваа прекугранична поврзаност е моќен двигател на економскиот раст и на отпорноста на националните економии, но и за безбедноста на државите.
Стратезите на земјите членки на ЕУ кои гравитираа кон Балтичкото, Црното и Јадранското Море, и покрај огромните финансиски средства што ги добија во првата декада од нивното членство во ЕУ, утврдија дека нивното поврзување по оската север – југ заостанува зад потребите. Според податоците на ЕУ, патниот и железничкиот транспорт во овој регион траат, во просек, два до четири пати подолго од сличните транспорти низ коридорите запад − исток.
Затоа во 2016 година тогашниот претседател на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Полска Анджеј Дуда, со цел да воспостават платформа за надминување на овој јаз во инфраструктурното поврзување, ги собраа лидерите на дванаесет држави членки на ЕУ кои гравитираат кон овие три мориња со цел да ги дефинираат приоритетите за меѓусебно инфраструктурно поврзување и да ги координираат напорите за поврзување на коридорите. Во заедничкото соопштение од Дубровник, усвоено од 12-те членки на 25 август 2016 година, се наведува дека Иницијативата „Три мориња“ се залага да се преземат активности и да се обезбеди политичка поддршка за прекугранични и за макрорегионални проекти кои имаат стратешко значење за Централна и за Источна Европа. Преку овие проекти, Централна и Источна Европа, но и ЕУ ќе станат поконкурентни и поотпорни и воедно ќе придонесат за зајакнување на безбедноста не само на овој дел од Европа туку и на Европа во целина. Исто така се истакнува дека Иницијативата е отворена за партнерства за конкретни проекти со заинтересирани држави или приватни бизниси од целиот свет. Европската комисија, САД, Германија, а подоцна и Јапонија, Шпанија и Турција, препознавајќи го значењето станаа стратешки партнери на Иницијативата. Во 2023 година, Грција стана 13-та членка.
Значењето што САД ѝ ја дава на оваа Иницијатива го потврди учеството на претседателот Доналд Трамп на Самитот на Иницијативата „Три мориња“ (3SI) во Варшава, на 6 јули 2017 година, при што во неговиот говор беше истакнато значењето на Инцијативата во диверзификацијата на енергетиката, во развојот на инфраструктурата и во посилните врски меѓу САД и Европа. Ова беше дел од неговата прва официјална посета на Централна Европа како претседател на САД. Треба да се истакне дека и претседателот Џо Бајден имаше видеообраќање на Самитот во 2021 година.
БОЖИНОВСКА: ОВАА ИНИЦИЈАТИВА конкретна можност за Македонија да ја засили својата енергетска независност и да се позиционира како важен транзитен коридор во Југоисточна Европа

„За нас оваа Иницијатива отвора реални можности за инвестиции во стратешка инфраструктура и за диверзификација на енергетските извори, што е клучно во услови на зголемени геополитички и енергетски предизвици.
И претставува конкретна можност за Македонија да ја засили својата енергетска независност и да се позиционира како важен транзитен коридор во Југоисточна Европа. Преку инвестиции во интерконектори, во гасна и во електроенергетска инфраструктура и во нови извори на енергија, се отвора простор за реална диверзификација на снабдувањето и намалување на ризиците од зависност од еден извор − што има директни импликации врз енергетската безбедност и економскиот развој на регионот.
За оваа Иницијатива разговарав и со Џарод Ејген (Jarrod Agen), заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД, при средбата во Вашингтон во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД. Тоа дополнително ја потврдува нејзината важност и од трансатлантска перспектива, како и потенцијалот нашава држава да се позиционира како релевантен енергетски коридор во регионот. И е јасен сигнал дека постои силна поддршка за проекти кои ги зголемуваат и регионалната поврзаност и и енергетската стабилност. За нас тоа значи можност да привлечеме нови инвестиции, да изградиме модерна инфраструктура и да станеме дел од клучните европски енергетски текови.“
Улога на приватниот сектор во Иницијативата „Три мориња“
Од 2018 година, паралелно со самитите на Инцијативата „Три мориња“, се одржа бизнис-форум со цел посилно вклучување на приватниот сектор во реализација на приоритетните проекти како овозможување интеракција и дијалог меѓу политичките и бизнис-лидерите. Ова е особено значајно ако се има предвид дека висината на средства неопходни за реализација на овие инфраструктурни проекти е огромна така што партнерството со приватниот сектор во финансирањето, во изградбата и во управувањето е клучно. Ако тука се додаде геополитичкиот притисок што се зајакна со војната во Украина, очигледна е потребата од поголемо ангажирање на приватниот капитал. Јавно приватното партнерство ќе придонесе за забрзана изградба на овие меѓугранични инфраструктурни проекти. И покрај огромните вложувања на земјите од регионот, на Европската Унија и на Европската инвестициска банка, Меѓународниот монетарен фонд во 2020 година процени дека недостасуваат дури 1,15 трилиони евра за да можат коридорите целосно да ги задоволат потребите на приватниот сектор. Овие инвестиции се неопходни за негова конкурентност на европскиот и на светскиот пазар. Проектите треба да обезбедат поврзување на синџирите на снабдување преку развој на европските коридорите север − југ, но и нивна интеграција со азиските коридори, посебно со т.н. Среден коридор (IMEC).
Како инструмент кој ќе обезбеди дополнителни финансиски средства формиран е Инвестициски фонд на Иницијативата „Три мориња“, кој беше лансиран во 2020 година. Девет од земјите членки на Иницијативата „Три мориња“ инвестираа околу 800 милиони евра, а Корпорацијата за финансирање на развој на САД се обврза да финансира 300 милиони долари за прекугранични проекти предложени од Иницијативата „Три мориња“.
Моменталната вредност на проектите што се финансирани преку Инцијативата „Три мориња“ изнесува околу 111 милијарди евра, и тоа главно во транспортните коридори (околу 51 % од вкупните средства), потоа енергетско поврзување (околу 39 %) и околу 10 % во областа на телекомуникациските коридори.

Интегрирање на Западен Балкан во Иницијативата „Три мориња“ − заемен бенефит и геостратегиска мудрост
Досегашните барања (пред конфликтот во Украина) за вклучување на Западен Балкан во оваа Иницијатива не беа прифатени со образложение дека за да се биде членка на Иницијативата предуслов е членство во ЕУ. Иако соговорниците директно не го истакнуваа, основа за ваквата позиција беше настојувањето земјите членки на Иницијативата да можат да користат што е можно повеќе фондови од ЕУ.
Но, конфликтот во Украина, главно по иницијатива на САД (впрочем идејата за оваа Иницијатива потекнува од САД, односно од Иан Брежински кој уште во 2015 година објави документ во Атлантскиот совет давајќи аргументи за започнување на една ваква иницијатива), донесе промена на овој став. Имено, им беше даден статус на партнер држави на Украина и на Молдавија. Ова придонесе да се отвори вратата и за земјите од ЗБ, односно во првата фаза да добијат ист статус како Украина и Молдавија. Иако не е полноправно членство, сепак ова е чекор напред. Иако земјите од ЗБ сè уште не се полноправни членки на ЕУ, нивната интеграција во оваа Иницијатива ќе придонесе за зајакнување на европската кохезија, за развој на поефикасни европски коридори, за унапредување и за зајакнување на трговските, на енергетските и на информатичките коридори, а со тоа и за забрзување на економскиот раст.
Интегрирањето на Западен Балкан во Иницијативата „Три мориња“ ќе придонесе за поефикасно поврзување на земјите од регионот и на членките на оваа Иницијатива и на ЕУ пошироко. Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во европските железнички, патни, енергетски и комуникациски коридори ќе придонесе за поефикасно инфраструктурно поврзување на соседните ЕУ-членки не само со Западниот Балкан, туку и со единствениот пазар, како и за постратешки пристап кон развојот на коридорните решенија како за регионот така и за Европа во целина. Исто така ова ќе придонесе за поефикасно користење на енергенти во транспортот, а со тоа и за намалување на емисиите на стакленички гасови и исполнување на Зелениот план на ЕУ.
Поврзувањето на земјите од Југоисточна Европа во европските коридори особено ќе придонесе за забрзан раст на нивните национални економии, за нивна посилна интеграција во единствениот европски пазар, а со тоа и ќе се зајакне европската кохезија. Планот за раст 2.0 за Западен Балкан треба да вклучи позначајни средства за заеднички развој на коридори кои ќе обезбедат не само поврзување внатре во регионот туку и најоптимални решенија за поврзување на регионот со земјите од регионот. Еден од приоритетите на Планот за раст 2.0 треба да биде целосно интегрирање на Западен Балкан во европските коридори. Пристапувањето кон Иницијативата „Три мориња“ заедно со Планот за раст 2.0 треба да придонесе за побрзо интегрирање земјите од Западен Балкан во транспортните политики на ЕУ и да обезбеди нивното учество во консултациите и во работата на институциите на ЕУ при подготовката и носењето на мерките на транспортните политики.
Тука треба да истакне дека е неопходно вклучување на приватниот сектор и капитал во изградбата на инфраструктурните проекти.
Вклучувањето на земјите од Југоисточна Европа во Иницијативата има и безбедносно значење, придонесува за зајакнување на нивната безбедност и на безбедноста на источното крило на НАТО. Од особен геостратегиски интерес за Европа е Коридорот 8 кој ги поврзува Црното со Јонското и со Јадранското Море, што претставува стратешко поврзување и ја зајакнува безбедносната архитектура на Европа.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г








