ФИНАНСИСКИ ПАЗАРИ | УПРАВУВАЊЕ СО РИЗИК ВО УСЛОВИ НА ЕНЕРГЕТСКИ ШОК: Оперативни и ликвидносни предизвици за мали отворени економии

Разликата меѓу компанија која ја доживува инфлаторната криза и таа која ја капитализира лежи во ист фундаментален принцип: дисциплинирано управување со ризик воспоставено пред кризата, а не за време на кризата

Пишува: Марија Пендевска | Авторот е Стручен сорaботник за порамнување во земјата и странство | Дирекција за ликвидност и позадински работи | Сектор за ликвидност и финансиски пазар | Комерцијална банка АД Скопје

Контекст: Нафтата поскапе 37 %. Кој ја плаќа цената?

Од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, суровата нафта поскапе за 37 %, достигнувајќи над 103 долари по барел (Investing.com, март 2026 г.). Природниот гас на европските пазари забележа пораст и до 70 %. Додека глобалните енергетски гиганти − Chevron, BP и рафинериите како Par Pacific Holdings (+25 % во март) и Marathon Petroleum (+18,45 %) − ги бројат добивките, реалноста за малите и за средните бизниси во мали увозно зависни економии е сосема поинаква. За нив, скапата нафта не е прилика − таа е директна закана за оперативното работење.

Barclays и UBS предупредуваат дека доколку енергетскиот шок потрае, инфлацијата би можела да ја надрасне целта на централните банки за повеќе од еден процентен поен до јули 2026 г., а со особено тешко влијание врз земјоделскиот сектор, транспортот и производствените синџири зависни од увозни суровини и од скапи препарати.

Оперативен ризик: кога трошоците растат, а цените не можат да следат

Оперативниот ризик во услови на нафтен шок се манифестира на три нивоа истовремено. Прво, директните трошоци за гориво − транспорт, механизација во земјоделството, индустриските процеси − растат пропорционално со цената на нафтата. Второ, увозните суровини, агрохемиските препарати и инсектициди, пластика и амбалажа − сите деривати на нафтата − стануваат значително поскапи. Трето, синџирите на снабдување се нарушуваат, а роковите на испорака се продолжуваат создавајќи дополнителен притисок.

Investing.com потврдува дека само оние компании со диверзифицирана понуда на извори и силна финансиска позиција успеваат да ги конвертираат повисоките цени во паричен тек, додека останатите трпат компресија врз маргините на заработка. За македонски или кој и да е регионален производител кој е увозно зависен од дизел, од ѓубрива и од заштитни средства, зголемувањето на трошоците не е апстрактна бројка − тоа е конкретно намалување на профитот по секој хектар или по секој производ.
Решенија за оперативниот ризик:

  • Договори за фиксна цена на гориво со доставувачи (fuel price lock-in) за период 3 − 6 месеци однапред.
  • Воведување на соларна енергија или на биогас за намалување на зависноста (овде особено се олеснува притисокот преку користење на кредитни линии за оваа намена) − особено за земјоделски стопанства и прехранбена индустрија.
  • Преговарање на ескалациски клаузули во договорите со купувачи, поврзани со признати индекси на цени на суровини.
  • Групно набавување (procurement consortia) меѓу мали компании за постигнување на поповолни услови кај доставувачите на агрохемикалии и на репроматеријали.

Ликвидносен ризик: кога готовинскиот тек исчезнува

Ликвидносниот ризик е онаа страна на кризата која останува невидлива сè додека не стане акутна. Зголемените трошоци за суровини значат дека компаниите мора да вложат повеќе готовина за финансирање на истото ниво на резерви. Ако купувачите плаќаат со одложување од 60 до 90 дена, а доставувачите бараат пократки рокови, јазот во обртните средства се шири. Паралелно централните банки ги зголемуваат каматните стапки − UBS веќе ги помести очекуваните намалувања на Bank of England за еден квартал − a тоа значи поскапи кредити токму кога потребата за финансирање е поголема.

За мало земјоделско претпријатие, мал преработувачки погон или регионален трговец, ова е класична ликвидносна позиција „меѓу чекан и наковална“: зголемени трошоци + одложена наплата + поскапи кредити = потенцијално исчезнување на паричниот тек дури и кај профитабилни бизниси.

Решенија за ликвидносниот ризик:

  • Воведување на откуп на побарувања по фактури (invoice factoring) − продажба на побарувања на куќа за откуп на побарувања за моментален пристап до готовина, без чекање на рокови на плаќање.
  • Преговарање со банки за обновлива кредитна линија (revolving credit line) наменета за покривање на сезонски потреби за обртен капитал.
  • Скратување на резервите на скапи суровини на минималниот оперативен минимум (just-in-time) со исклучок на стратешките резерви.
  • Барање на авансни плаќања или скратување на кредитните рокови кај купувачи со понуда на ценовен попуст за брза наплата (early payment discount).

Подготовка на бизнисите и на населението: практична рамка

Принципот на асиметрично управување со ризик − идентификуван и применуван од успешните инвеститори и потврден во анализите на Barclays и на Investing.com − е директно применлив и на ниво на бизнис-планирање и на лично финансиско управување. Целта не е да се елиминира ризикот, туку да се обезбеди дека потенцијалните загуби се помали од потенцијалните добивки при секоја одлука.

За малите и за средните претпријатија во енергетски зависни сектори, ова значи − сценарио: планирање за три различни траења на енергетскиот шок (краткотраен до 3 месеци, среднорочен 3 − 12 месеци, долгорочен над 12 месеци), со конкретни активации на мерки при секој праг. За населението, тоа значи: ревизија на домашниот буџет, зголемување на фондот за итни случаи на минимум 3- до 6-месечни трошоци.

Конечно, разликата меѓу компанија која ја доживува инфлаторната криза и таа која ја капитализира лежи во ист фундаментален принцип: дисциплинирано управување со ризик воспоставено пред кризата, а не за време на кризата.


Економија и бизнис, 01 април 2026г

Повеќе од истиот автор

Најчитано