Потпретседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Борис Вујчиќ и членот на Управниот совет на таа институција, Мартин Кохер, денес навестија дека монетарната политика на eврозоната би можела дополнително да се затегне, со очекувања дека ЕЦБ ќе ги зголеми референтните каматни стапки за 0,25 процентни поени веќе во декември.
Вујчиќ изјави дека, судејќи според сегашните околности, очекувањата на пазарот за зголемување на каматните стапки би можеле да се покажат како точни, доколку во меѓувреме не се случат непредвидени настани.
Зборувајќи за економските трендови во eврозоната, Вујчиќ оцени дека економијата се покажала како поотпорна од очекуваното и дека сегашниот економски раст е приближно на ниво на потенцијалната стапка на раст.
Сепак, тој истакна дека Европа има низок потенцијален економски раст, првенствено поради структурни проблеми.
Осврнувајќи се на движењето на еврото во однос на американскиот долар, Вујчиќ оцени дека европската валута се движи во одреден историски опсег.
Како што изјави, еврото прво зајакна, а потоа делумно ослабе, но сепак е посилно отколку неколку месеци по неговото воведување, поради што не смета дека е оправдано да се опише како слаба валута.
Кохер, кој е и гувернер на австриската централна банка, предупреди дека долгорочното зголемување на цените на енергијата може да предизвика дополнителни инфлаторни притисоци.
„Со оглед на бројните надворешни шокови со кои се соочуваме во моментов, ситуацијата, се разбира, не е особено пријатна. Колку подолго траат зголемените цени на енергијата, толку е поголема веројатноста за секундарни инфлаторни ефекти. Ова значи дека во монетарната политика мора да бидеме подготвени за вакви случувања и дека не смееме да доцниме со одлуките за каматните стапки“, рече Кохер.
Кохер истакна дека Управниот совет на ЕЦБ останува цврсто посветен на постигнување на среднорочната цел за инфлација од два проценти.
„Убеден сум дека ќе продолжиме да успеваме во постигнувањето на таа цел“, рече тој.
Борбата на ЕЦБ против инфлацијата ќе продолжи следната година под водство на Пабло Ернандез де Кос, кој оваа недела ја доби поддршката од европските лидери за функцијата иден претседател на институцијата, наместо Кристин Лагард, чиј мандат треба да заврши порано, на 7 февруари, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис








