ЕУ ВОВЕДУВА ДИГИТАЛЕН ПАРИЧНИК ЗА ИДЕНТИТЕТ, луѓето ќе можат да аплицирааат за работа и за други услуги без поднесување на документи

До крајот на годината, Европската Унија ќе го лансира Европскиот дигитален паричник за идентитет (EUDI паричник). Тоа е приватен дигитален простор каде што граѓаните, жителите и бизнисите можат да складираат и споделуваат лични документи, да пристапуваат до приватни и јавни услуги и електронски да потпишуваат документи.

Дигиталниот паричник за идентитет е бесплатна апликација што корисниците можат да ја преземат на своите мобилни уреди. Ја намалува зависноста од решенија за складирање податоци од големите технолошки компании, а воедно им дава на корисниците поголема контрола врз нивните лични податоци.

Секоја земја-членка мора да создаде своја апликација. Овие апликации ќе ги користат истите технички стандарди, што ќе им овозможи на корисниците пристап до своите паричници и даватели на услуги за да обезбедуваат услуги насекаде во ЕУ во секое време, објавува Еуроњуз.

ЕУ има за цел да создаде единствен дигитален пазар за електронска идентификација. Станува збор за апликација за дигитален идентитет за граѓани, жители и бизниси од ЕУ што го поедноставува складирањето на документи, го прави дигиталното идентификување полесно, побезбедно и посигурно.

Наместо да носите печатени копии од лични документи или да користите неколку различни апликации за да ги складирате на вашиот мобилен телефон, паричникот им овозможува на корисниците да ги складираат сите важни документи на едно приватно дигитално место.

Тоа можат да бидат официјални документи, како што се лични карти или изводи од матична книга на родени. Електронски рецепти, дипломи за факултет, дигитални верзии на возачки дозволи, картички за членство во теретана и карти за влез во авион.

Преку  дигиталниот паричник, корисниците ќе можат да споделуваат документи со приватни и јавни институции, и онлајн и офлајн, низ цела ЕУ.

На пример, при аплицирање за работа во Германија, корисникот ќе може да му покаже на работодавачот потврда за завршување на универзитет во Шпанија, без повторно да ги поднесува сите документи. Корисниците ќе можат да пристапат до национални или прекугранични јавни услуги, вклучувајќи портали за здравствено осигурување или социјално осигурување, како и да аплицираат за пасош или да поднесат даночна пријава. Тие исто така ќе имаат директен пристап до приватни услуги, вклучувајќи аплицирање за банкарски кредит или отворање банкарска сметка преку интернет.

При користење на услугите, корисниците ќе треба да го потврдат својот идентитет, но ќе ја задржат контролата врз својот дигитален идентитет во текот на целиот процес.

Вградените функции, како што се „селективно откривање“ и „доказ за нула знаење“, ќе им овозможат на корисниците да ги споделуваат само податоците што се неопходни, без да откриваат други информации што би можеле да ги идентификуваат. На овој начин, давателите на услуги ќе собираат само минимална количина на податоци потребни за обезбедување на одредена услуга.

Преку панелот за контрола на приватноста, корисниците ќе можат да следат кој има пристап до нивните податоци, додека на издавачите на дигитални документи нема да им биде дозволено да ги следат корисниците или да ги профилираат.

Корисниците ќе можат да потпишуваат документи директно од Паричникот, користејќи бесплатен електронски потпис кој има иста правна сила како рачно напишаниот потпис во сите земји-членки на ЕУ, пренесува Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано