Европа се соочува со тешка суша предизвикана од недостиг на врнежи и последователни топлотни бранови, криза што веројатно ќе се повторува и во наредните години – објави шпанската новинска агенција ЕФЕ. Годинава намалувањето на водостојот на реките, меѓу кои и Дунав, предизвика сериозни економски последици за земјоделството, производството на енергија, трговијата и водоснабдувањето.
– Ова е тренд на кој мора да се навикнеме, а исклучително во ситуацијата е тоа што е придружен со многу високи температури 0 изјави за ЕФЕ генералниот координатор на еколошката фондација „Глобал нејчер“ (Global Nature), Антонио Гилем.
– Не треба да испраќаме алармантни пораки, но станува сè потешко да гарантираме дека ќе имаме доволно вода со соодветен квалитет, во вистинското време и на вистинското место – додаде тој.
Дунав на историски минимум
Главен симптом на сушата на континентот е реката Дунав, економски и енергетски двигател за неколку европски земји, кои се соочуваат со тоа што нискиот водостој го попречува речниот транспорт и влијае врз работата на нуклеарните централи.
Австрија е една од погодените земји, откако го регистрираше најсувиот 12-месечен период од 1850 година, поради што и нивото на Дунав е исклучително ниско. Тоа, заедно со недостигот на подземни води, предизвикува земјоделски загуби од дури една милијарда евра.
Во Унгарија сушата погоди 89 отсто од територијата, а намалувањето на нивото на Дунав, до 140 сантиметри под нормалното, доведе до исклучување на седум турбини во нуклеарната централа. Во Романија два реактори беа исклучени од централата, кои произведуваат 20 отсто од електричната енергија во земјата.
Слична е ситуацијата и во Словачка, со исклучително сушни услови на три четвртини од територијата и историски ниско ниво на Дунав, како и во Бугарија, каде што речниот транспорт и снабдувањето со вода за пиење се соочуваат со сериозна криза.
Полска има шест енергетски блокови во две електроцентрали што се исклучени поради сушата, иако во овој случај причината е ниското ниво на реката Висла.
Милионски земјоделски загуби
– Примарниот сектор ќе биде најпогоден – истакна Гилем, додавајќи дека „природата не познава граници, поради што се потребни глобални политики“.
Во Франција сушата предизвика сериозни земјоделски загуби, кои би можеле да достигнат милијарди евра, според министерката за земјоделство Ани Женевар.
Во Италија реката По во просек изгуби 65 отсто од својот проток, додека Тибар и предалпските езера минуваат низ критичен период, што влијае врз земјоделскиот сектор и ги удвојува трошоците за наводнување во некои региони.
Со историски максимум од 41,8 степени Целзиусови ова лето, Германија се соочува со екстремно намалување на протокот на Рајна, кој во Келн падна на 45 сантиметри, парализирајќи го транспортувањето на стоки и влијаејќи врз посевите како пченицата и репката.
Соочување со ситуација без преседан
Сушата предизвикува и помалку видливи последици, како недостигот на вода во речните поплавни рамнини. Според Гилем, влијанието на сушите врз овие ливади значи дека тие повеќе немаат режим на поплавување како порано, што доведува до појава на навидум зелени полиња, но со многу сиромашна разновидност на инсекти.
– Вистината е во почвата: првиот чекор е губење на животинската биолошка разновидност, а следниот чекор е губење на растителната биолошка разновидност – заклучи тој.
Во Обединетото Кралство, по најсувиот јули во историјата, сушата погоди три четвртини од Англија и целиот Велс, при што 27 милиони луѓе се соочуваат со ограничувања во користењето вода, а бројни реки имаат исклучително низок проток, оставајќи сцени без преседан, како пожолтени тревни површини.
Во Шпанија, по дождливиот почеток на годината, ситуацијата во речните сливови се влоши поради сушното лето и топлотните бранови. Резервите на вода во мај достигнаа 84,2 отсто од капацитетот, но сега се на 66,2 отсто поради екстремните услови во јули, кој беше најтоплиот и најсувиот јули во историјата на мерењата во Шпанија.
Слично, Португалија од јуни е погодена од суша на повеќе од 60 отсто од територијата, поради месечните врнежи под вообичаеното ниво, додека во сливот на реката Лима тие изнесуваа 52 отсто од просекот, наспроти вообичаените 65 отсто.
Во Швајцарија, врнежите меѓу април и јуни беа најниски од 1901 година, што доведе до затворање на летните планински одморалишта и ги отежна условите за обезбедување вода за добитокот.
Во Белгија протокот на реката Мас беше десетпати помал од вообичаеното, а властите побараа ограничување на активностите како полнење базени или наводнување градини.
Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина претрпеа сериозни земјоделски штети и историски ниско ниво на врнежи во некои речни сливови, додека Албанија само во јули увезе електрична енергија во вредност од 41,5 милиони евра.
извор МИА








