Европската централна банка (ЕЦБ) е подготвена да направи сè што е потребно за да ја врати инфлацијата на целта од два проценти, изјави денес гувернерот на Банката на Франција и член на Управниот совет на ЕЦБ, Франсоа Вилероа де Гало.
Тој нагласи дека ЕЦБ се обидува да ги ограничи последиците од војната на Блискиот Исток и зголемувањето на цените на енергијата.
Според него, зголемувањето на цените на нафтата, предизвикано од нарушувањата во Ормуската Теснина, создава силни краткорочни инфлаторни притисоци, но ЕЦБ останува решена да го спречи ширењето на инфлацијата на пошироката економија.
„Ќе направиме сè што е потребно за да ја вратиме инфлацијата на два проценти на среден рок“, рече Вилероа де Гало.
Инфлацијата во еврозоната се искачи на три проценти во април, откако во март изнесуваше 2,6 проценти, додека беше под целното ниво на ЕЦБ пред почетокот на конфликтот меѓу Иран и сојузниците на САД, Израел.
Европа е особено изложена на енергетски шокови поради нејзината голема зависност од увозот на енергија, а порастот на цените на горивата во последните месеци предизвика загриженост за можен нов бран на инфлација и забавување на економскиот раст.
Пазарот на обврзници забележа зголемување на приносите, бидејќи инвеститорите очекуваат порестриктивна монетарна политика на ЕЦБ, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис








