Додека регионот инвестира во бакар, рудникот „Иловица-Штука“ и понатаму чека разврска

Додека земјите од регионот забрзано отвораат нови рудници и вложуваат во критични минерали, Македонија сè уште не успева да го стави во функција својот најголем рударски проект – „Иловица-Штука“. Иако глобалната побарувачка за бакар расте, а Европа и соседните држави го гледаат рударството како стратешки сектор, проектот кај нас останува заглавен меѓу административни процедури, политички дилеми и отпор од дел од јавноста.

Во меѓувреме, темата за рударството повторно се актуализира и по најавите за инвестиции во ископ на антимон кај Крива Паланка. Но и претходно, слични проекти за бакар и други минерали беа предмет на жестоки реакции, како инвестициите во Кожуф, Казандол и Иловица.

Сепак, додека Македонија дебатира, соседните држави веќе реализираат нови рударски проекти. Особено интересен пример е Бугарија, каде во близина на Ивајловград се развива нов рудник што ќе користи флотација – метод кој беше најавен и за „Иловица-Штука“, по законските измени со кои беше забранета употребата на цијанид.

Геологот и инженер Даниел Маринов, кој работел на геолошките истражувања кај проектот „Розино“, вели дека флотацијата денес претставува современ и еколошки усогласен метод.

„Методот на флотација е апсолутно еколошки усогласен и безопасен“, истакнува Маринов.

Тој посочува дека локалното население во регионот дало поддршка за проектот, делумно и поради позитивното искуство со веќе постоечкиот рудник „Ада тепе“ кај Крумовград.

„Тој рудник е еден пример за модерен ископ на бакар, еколошки прифатлив, апсолутно современ, па луѓето гледаат дека сите тие катастрофични стравувања кои постоеја кај најразлични организации и недобронамерници, всушност не се остварија. Жителите подобро заживееја, младите луѓе се вратија, градот процвета, а сега и граѓаните на Ивајловград сакаат и кај нив тоа да се случи, зашто гледаат жив пример“, истакна во радио гостување геологот Маринов.

Според него, без јасна институционална поддршка и побрзи процедури тешко може да се очекуваат сериозни инвестиции.

„Не може да се очекуваат инвестиции ако процедурите одземаат години, бидејќи на тој начин инвеститорите ќе отидат во други држави“, предупредува инженерот.

Како пример ја посочува и Грција, каде отпорот кон рударските проекти во минатото бил значително поголем, но државата во последните години почнала активно да поддржува проекти за бакар и злато.

„До пред пет-десет години во Грција имаше голема опозиција против геолошките истражувања и ископ на металични минерални суровини, но во последните години, недалеку од Солун веќе се експлоатира наоѓалиште на бакар и злато и грчките власти дадоа огромни стимули. Владата учествува исто и со кредит за оваа компанија, за да се разработи наоѓалиштето. Нашето „Розино“ пак веќе станува дел од овие стратешки објекти кои се важни за националната независност од гледна точка на ресурси “, додава Маринов.

Покрај економските ефекти, тој нагласува дека рударските инвестиции носат и поширок локален развој. Вели секаде каде што има рударска индустрија има и други големи инвестиции, подобрување на здравствените услуги, образованието, културата и нови работни места.

Во случајот со „Иловица-Штука“, досегашните проекции покажуваат почетна инвестиција од околу 340 милиони евра, потенцијален раст на БДП од околу 3 проценти, извоз од околу 200 милиони евра годишно и илјадници директни и индиректни работни места.

Маринов потсетува дека Европа веќе ја смета темата за критичните минерали за прашање на економска и стратешка безбедност.

„Европа се разбуди“, вели тој, посочувајќи на европската Директива за критични минерални суровини и растечката потреба од бакар и други метали за батерии, електрични возила, чипови, дата-центри и одбранбената индустрија.


(комерцијална објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано